Математички прецизно Мицкоски греши

Секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде посрамотен од демагогијата и политиканството на лидерството на партијата


Слави Трифонов имаше слични идеи со Христијан Мицкоски. Тој предлагаше ЕУ да ја прими Бугарија во Шенген за Бугарија да го крене ветото за влез на Македонија во ЕУ.

Неговата логика беше дека политиката не се темели врз принципи ниту врз вредности, туку дека таа е пазар на кој ако бараат од тебе да дадеш нешто можеш слободно да прашаш – а што добивам јас со тоа за возврат.

Мицкоски, како и Слави, кој не се прослави во политиката, знае дека нема некоја посебна причина за да не се смени Уставот „под бугарски диктат“, ама како трговец во политиката вели дека за таа отстапка што ќе ја направи неговата партија треба: 1. Сите да прифатат дека промената на Уставот ќе важи дури кога ќе стане сигурно дека влегуваме во ЕУ; 2. Веднаш по гласањето за таква промена ВМРО-ДПМНЕ со свои министри да влезе во сегашната влада и 3. Од таа влада да излезе партијата која ги претствува мнозинството Албанци во земјава, ДУИ.

Ако сето тоа не им е прифатливо на партиите од Фронтот за Европа, тогаш Мицкоски бара без гласање за промена на Уставот да се распишат предвремени парламентарни избори по кои (убеден дека ќе победи неговата партија) ќе формирал влада на национално единство без ДУИ и ќе го започне процесот на репреговарање со ЕУ за преговарачката рамка, во кој единствено негово барање ќе биде етничката заедница на Бугарите во Македонија да може своите уставни права да ги остварува дури откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Во текот на сите години додека бев во политиката од 1990 до денес запознав многу луѓе членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои ги сметав и сметам за прилично мудри и рационални суштества, кои во вакви околности се веројатно свесни дека логиката и политиката на Мицкоски во овој случај е прилично нерационална, па и штетна за самата партија. 

Тие во вакви околности имаат должност да побараат внатрешна дебата во партијата и да го постават прашањето пред лидерот што добиваат а што губат со ваквото однесување на Мицкоски.

1.Дури ЕУ и да прифати промената на Уставот да важи откако ќе завршат преговорите со ЕУ, тоа не значи дека етничката заедница на Бугарите сѐ дотогаш нема во Македонија да ги остварува истите права како и другите етнички заедници што се веќе дел од Уставот. На секого му е јасно дека со или без таа симболичка промена на Уставот, во Македонија припадниците на сите етнички заедници остваруваат исти права. Само Мицкоски може да мисли поинаку и со тоа им дава право на Румен Радев и на други што тврдат дека без оваа промена во Уставот етничката заедница на Бугарите во Македонија е и ќе биде дискриминирана.

Оттука барањето на Мицкоски е само еден вид инает, кочење, уцена, изнудување и некаков „аргумент“ или правдање за тоа што конечно прифати да се смени Уставот и да бидат внесени Бугарите во него „под бугарски диктат“.

Сега некој од интелектуалците во неговата партија треба да го праша зошто не се согласува промената на Уставот да важи веднаш кога е познато дека и без нејзиното одложено барање, па дури и без внесување на Бугарите во Уставот, етничката заедница на Бугарите во Македонија ги остварува сите права што ги уживаат и другите етнички заедници што се внесени во Уставот. Или рационалноста и разумноста во овој случај не помагаат.

2.Како тоа по евентуалната промена на Уставот ВМРО-ДПМНЕ би ги гласало сите промени во законите потребни за затворање на поглавјата, но само ако стане дел од владата на Димитар Ковачевски? Значи само ако се дел од власта таквите промени на законите ќе бидат прифатливи. Ако не се дел од власта, какви било промени за нив ќе бидат неприфатливи и со тоа ќе биде отежнат процесот на исполнувањето на условите за влез во ЕУ.

3.Кој му ја продаде идејата на Мицкоски дека од таа влада во која ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе треба да излезе ДУИ? Само Никола Груевски имаше таква глупава идеја што ја користеше пред изборите во 2006 година кога тврдеше дека нема да прави влада со „терористи“ и дека ако победи на изборите ќе ставел „мораториум на етничките барања од страна на Албанците“ и таа авантура му траеше само до мајскиот договор со ДУИ во 2008 година.

Со такви изјава Мицкоски само го јакне ДУИ во нејзиното гласачко тело и му даде шанса на Ахмети да изјави дека на неговата партија и на Албанците во Македонија им е поважно започнувањето на преговори со ЕУ од формалното останување во влада која би ја формирале другите партии. Поважна им е визијата од трговијата.

Секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде посрамотен од ваков вид демагогија и политиканство.

ДУИ говори за стратешки интерес на земјава, СДСМ за тешки одлуки кои може да доведат до губење на власта на избори, а ВМРО-ДПМНЕ го интересира само власта за која уште никој не знае како и за што ќе ја употреби откако ќе ја добие – ако ја добие.

Мицкоски со своето „политичко шибицарење“ ја срами својата партија пред меѓународната јавност.

1.Тој поставува услов за рокот од која ќе почне важењето на уставните амандмани, како услов за да гласа за нив, иако веројатно знае и има кој да му каже дека тој рок што го поставува како услов за гласање не менува ништо во положбата на малубројната етничката заедница на Бугарите во Македонија.

2.Тој демонстрира незнаење во однос на можноста за промена на преговарачката рамка и нуди лажна надеж со која може да ја загрози реалната надеж за почнување преговори.

3.Тој демонстрира дека освен што се противи на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија се противи и на Охридскиот рамковен договор, што е чекор поназад дури и од политиката на Груевски.

Во вакви околности истакнати поединци и парламентарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат право да ѝ се спротистават на оваа политика на лидерот. Тие имаат право јавно да постават прашања каде води оваа политика на Мицкоски и да постапат по свое убедување при гласањето за промена на Уставот. А можат да останат негови заложници и со тоа да ја држат во заложништво Македонија.

Не треба Мицкоски да се надева на избори, дури и ако не успее промената на Уставот до ноември. Оваа влада има мандат до септември идната година. А до тогаш многу работи можат да се случат.

Останувањето во опозиција на Мицкоски е исто така бегање од одговорноста и комотна позиција од која може сите да ги обвинува за сѐ и себеси да се смета за единствениот и „неразбран“ патриот во земјата.

Важни се во овој момент и некои други аспекти на проблемот. Бидејќи запирањето на евроинтеграцискиот процес за Македонија со неизгласување на амнадманите е издигнато и на ниво на безбедносно прашање, заради војната во Украина и глобалниот конфликт меѓу САД и ЕУ на една страна и Русија на друга, може лесно однесувањето на Мицкоски во овој случај да се протолкува како однесување под влијание на авторитарните и неевропски сили. Па може да се случи политиката на ВМРО-ДПМНЕ да не биде добро оценета од страна на сестринските партии во Европската народна партија, а овде некоја од фондациите што имаат илјадници евра инвестирано во обуки на младите од ВМРО-ДПМНЕ, во стилот на холандскиот амбасадор, да каже дека  е разочарана во нив и дека нема веќе џабе на партија како вас да ѝ правиме обуки и посети во странство за политичко цивилизирање.

Ако сепак дојде до внатрешна дебата за тоа која би била штетата а која користа од гласањето на ВМРО-ДПМНЕ за амандманите без условувања некој би можел да го каже следново:

Без гласање за амандманите ВМРО ќе чека за избори до следниот септември и ќе дозволи оваа влада како што тврди „да ја упропастува земјата и да се богати од корупција“.По следните избори во септември 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ и да има 7 до 8 пратеници повеќе од СДСМ може да се случи да не може да состави влада заради тоа што нема партнер меѓу партиите на етничките Албанци. Угледот на ВМРО во меѓународната заедница ќе биде срозан и може да се случи и натаму да остане во опозиција. Во меѓувреме, наместо ВМРО да има можност да го спречува наводниот „криминал“ од проекти како тој со „Бектел и Енка“ може да ѝ се случи (ќе тврди некој со провизиите од тој криминал да се купат гласовите на нивни пратеници што недостигаат за изгласување на амандманите. Сѐ на сѐ може сметката на Мицкоски да излезе без крчмар.

Од друга страна би можело математички прецизно да се пресмета дека добивката на ВМРО од гласање за амандманите би била поголема од штетата.

Два дена по гласањето ќе се тврди дека ВМРО не опстојува на своите принципи, дека не треба да ѝ се верува на таа партија и дека Мицкоски извршил предавство, не се покажал доволно упорен, попуштил и е слаб лидер.

Но сето тоа може да биде покриено само со една изјава со која Мицкоски ќе каже дека ѝ дава шанса на ЕУ да докаже дека нема да постојат натамошни уценувања и блокади. И ништо повеќе. Тој веќе има понуда на денот на усвојувањето на амнадманите да бидат распишани предвремени парламантарни избори на кои има шанса неговата партија да има најголем број пратеници. Ќе излезе од изолација на меѓународната заедница, ќе добие партнери за идна влада меѓу партиите на Албанците во Македонија и, што е најважно, ако формира влада, веќе од почетокот на следната година ќе може „да ја спречува сегашната влада да прави национални отстапки“, да биде во заложништво на ДУИ, да прави криминал, да прави наводно политички прогон преку судството и сѐ она за што ја обвинува.

Во оваа смисла, се чини, дека Мицкоски не само што е лош политичар, туку е и слаб трговец. Во замена за поддршката од неговите пратеници веќе му е понудено многу повеќе од она што би го добил во која било држава со демократска политичка култура. Но тој бара повеќе.

Во таков случај на партиите од Фронтот за Европа и на меѓународните пријатели на Македонија не им останува ништо друго освен да влијаат врз совеста на поедини пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да се обидат да ги ослободат со аргументи од заложништвото кај Мицкоски, како и од обврската за почитување на нелегалните нотарски изјави дека нема да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот. Токму тие и такви пратеници може да бидат јадрото на реформираната и модернизирана партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што Мицкоски вети дека ако не успее во своето бојкотирање на Собранието ќе ја напушти лидерската фукција, па и политиката. И вистина време е да му се помогне во тоа.

(Ѓорѓи Спасов е поранешен амбасадор и универзитетски професор)