Масовни откажувања на аранжмани – штетата ја сносат агенциите и патниците
Не откажувајте ги аранжманите за Кипар, Анталија, Тунис и Египет, апелираат туристичките агенции. Според нив, и покрај тензиите на Блискиот Исток, овие дестинации се безбедни, а редовните авиолинии функционираат без прекин. Од Националната асоцијација на туристички агенции велат дека дел од граѓаните, поради страв, почнале да ги откажуваат веќе уплатените патувања, иако нема официјални предупредувања, а туристичките капацитети работат нормално.
Иако бесплатно откажување формално не е можно, агенциите се обидуваат да им излезат во пресрет на клиентите. Дел од хотелите ги враќаат парите за резервираното сместување, но проблем остануваат авиокомпаниите, кои засега одбиваат рефундација за авионските билети.
Законот не дозволува бесплатно откажување без вонредна состојба
Претседателката на НАТА Ана Марија Алексова-Малева потсети на законската рамка: „Согласно член 9 3/3 од Законот за облигациони односи патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секој момент пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и отказната такса. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредни состојби, како што се прогласена воена состојба или сериозна криза.”
Туристичките работници очекуваат и помош од државата и најавуваат разговори со Министерството за надворешни работи и со Министерството за туризам и култура. Велат дека резервации има до крајот на пролетта, а најголем дел се токму за Кипар.