Масовни оставки во партијата на Ердоган

Неодамнешните анкети и зголемувањето на несогласувањата во неговата партија предизвикуваат проблеми за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој поради еродираната поддршка може да го изгуби мнозинството во парламентот.

Бранот оставки од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) го зголеми интензитетот како последица од годинашните локални избори, на кои владејачката партија загуби 11 големи градови од опозицијата.

Поразот во поголемите градови, вклучувајќи го и главниот град Анкара и најнаселениот град Истанбул, предизвика удар врз раководството и авторитетот на партијата. Интрапартиската опозиција на Ердоган оттогаш зеде замав и сега поранешни министерски тешкаши најавија формирање на две нови политички партии.

Едниот ја креира Ахмет Давутоглу, поранешен премиер, кој беше отстранет во 2016 година, кој се врати по изборите годинава со остра критика за владејачката партија.

Ова беше проследено со месеци критички изјави од поранешниот премиер до 4 септември кога Централниот извршен комитет на АКП објави дека поведува постапка за протерување на Давутоглу и тројца негови сојузници, сите поранешни високи членови на владејачката партија. Четворицата реагираа со оставка од партијата минатата недела, при што Давутоглу изјави дека потегот да бидат протерани ги прекршил основните принципи на АКП.

Бројот на оставки од централната турска покраина Коња од каде што е Давутоглу, достигна 400 за еден ден. Низ цела Турција, илјадници луѓе го следеа водството на поранешниот премиер за оставка од владејачката партија.

Давутоглу не е единствената фокусна точка на која гравитираат членовите на АКП. Али Бабачан, поранешен вицепремиер, кој заработи признанија за својата работа водејќи ја турската економија, пред да биде потиснат во 2015 година, поднесе оставка од партија во јули, а минатата недела во интервју рече дека планира да започне ново политичко движење до крајот на годинава.

На Бабачан му се придружија поранешни тешкаши од партијата. Абдула Ѓул, поранешен претседател, кој честопати се смета за потенцијален ривал на Ердоган, наводно му дал поддршка на Бабачан.

Овие движења, наводно, имаат потенцијал да се пренесат парламентот. Ова е загрижувачки развој за претседателот, чија партија има мнозинство благодарение на сојузот со екстремно десничарската Партија на националистичко движење (МХП).

Некои извори велат дека 80 пратеници на АКП се подготвуваат да скокнат од бродот Доколку е така, бројот на пратениците на АКП во парламентот од 600 места ќе се намали на 211, а сегашното мнозинство на владејачката коалиција со 41 мандат ќе биде изгубено, ставајќи ја владејачката партија во ситуација да не може да донесе закони низ парламентот.

Касацискиот суд на Турција, кој се занимава со членство во партијата ги објавува оставките на својата веб-страница. Најновите бројки објавени од судот од 6 септември покажуваат дека 844.391 луѓе поднеле оставка од АКП од август 2018 година, па сега нејзиното членство брои 9,87 милиони луѓе.

Повеќе од 56.000 од нив поднесоа оставки помеѓу 1 јули и 6 септември. Со оглед на бранот оставки предизвикан од онаа на Давутоглу на 13 септември таа бројка најверојатно ќе биде значително поголема при следното пребројување.

Истражувањето во септември од страна на центарот АРЦ близок до АКП, покажа дека поддршката на АКП се намали на 30,6 проценти. Ова е веќе сериозен пад од 42 проценти што ги постигна на парламентарните избори на 24 јуни, но обемот на падот на поддршката на партијата е уште појасен кога се споредува со 49 проценти од гласовите што партијата ги освои на изборите во ноември 2015 година.

Поддршка од МХП е на 14 проценти, што е недоволно за Ердоган да ја сврти ситуацијата за своја корист.

Во истата анкета имаше прашање за испитаниците дали ќе гласаат за двете нови планирани партии. Околу 11,5 отсто рекоа дека ќе гласаат за Бабачан, а 8,5 проценти за Давутоглу.

Анкетата на МАК, друг центар за кој се знае дека е поврзан со АКП, покажа дека секуларната опозициска Народна републиканска партија (ЦХП) првпат стигна до 31 процент, надминувајќи ја АКП и зазеде првото место во истражувањето.

Речиси сите истражувања покажуваат дека МХП освојува гласови – јасен знак зошто дискурсот и политиките на АКП се движат понатаму кон екстремнодесничарската линија што ја презема нејзината коалициска партија. МХП е победник на овој сојуз.

Сепак, опозицискиот блок се засилува од минатогодишното гласање, а последните анкети покажуваат дека може да командува меѓу 55 и 60 проценти од гласовите на нови избори.

Турските политички кругови велат дека опасноста од новите партии кои се претставуваат на парламентарното мнозинство на АКП може да поттикне предвремени избори, доколку Ердоган верува дека би можел да се извлече со гласање пред да се формираат партиите. Ова дополнително ќе ја консолидира моќта на лидерот на МХП, Девлет Бахчели. (Ахвал)