Масовен протест на работниците во „Ербас“ во Шпанија поради најавените отпуштања


Илјадници работници на „Ербас“ во Шпанија денеска протестираа пред фабриката во Гетафе, во близина на Мадрид, носејќи транспаренти и скандирајќи во знак на протест поради планот за реструктуирање кој предвидува укинување на неколку стотици работни места.

„Ербас“, кој 4,0 проценти е во сопственост на шпанската Влада, соопшти дека ќе отпушти околу 900 работници во Шпанија, како дел од планот за намалување на 15.000 работни места низ целиот свет, бидејќи воздушниот сообраќај речиси сосема замре поради пандемијата на Ковид-19, што драстично ја намали побарувачката за авиони и системи што ги произведува компанијата.

– Протестираме затоа што компанијата, користејќи ја оваа привремена состојба со Ковид-19, сака да се ослободи од 900 работници, изјави Луис Коладо, кој работи во „Ербас“ 41 година.

– Ова е привремена ситуација што ќе помине, и затоа не разбираме зошто нè исфрлаат на улица, додаде тој.

Демонстрантите маршираа од фабриката низ улиците кон градската куќа на Гетафе, оддалечена два километри, каде што градоначалникот одржа говор во поддршка на работниците.

Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно овој месец изјави дека Владата работи со „Ербас“ за изнаоѓање решение со цел да се зачуваат работните места во земјата, но деталите за некаков план за спас досега не се објавени.