Маск се подбива со најавената тужба: Сега сакаат да ме натераат да го купам „Твитер“


Милијардерот Илон Маск во неделата доцна навечер објави фотографии од неговата реакција на најавата на менаџментот на „Твитер“ дека ќе го тужат и ќе го принудат да го заврши преземањето на компанијата за 44 милијарди долари.

Воздржувајќи се од какви било зборови, шефот на „Тесла“ и „Спејс Икс“ објави на „Твитер“ мем на кој се смее со натписи во кои се раскажува редоследот на настаните околу неговата понуда за преземање на „Твитер“ во последните неколку месеци.

Фотографиите од насмеаниот Маск се проследени со натписи: „Рекоа дека не можам да купам ‘Твитер’“, потоа: „Нема да објавуваат информации за ботови“, потоа: „Сега сакаат да ме принудат да купам ‘Твитер’ преку суд“, а на последното, кое илустрира како „пукнува од смеење“ пишува: „Сега на суд ќе треба да ги откријат информациите за ботовите“.

Целото меме го покажува безгрижниот однос на најбогатиот човек на светот во однос на сложената и скапа зделка за купување на „Твитер“, што се одрази со падот на акциите на „Тесла“ и поради што во неколку наврати се прибегна кон привремено финансирање.

Маск најпрво се согласи да го купи „Твитер“ по цена од 54,20 долари по акција кон крајот на април, откако се здоби со значителен удел во компанијата што ја зголеми цената на акциите. Подоцна го изрази своето незадоволство од договорот за преземање, тврдејќи дека „Твитер“ не успеал да открие важни информации, како што е специфичниот број на лажни сметки и спам.

„Раководството на ‘Твитер’ е решено да ја затвори трансакцијата по цена и услови договорени со господинот Маск и планира да покрене правна постапка за спроведување на договорот за спојување“, напиша во петокот на „Твитер“ претседателот на компанијата, Брет Тејлор.

Акциите на „Твитер“ се тргуваа по 36,81 долари во петокот, или околу 30 отсто под договорената цена за преземање.