Маск: Работењето од дома е лицемерно и непродуктивно
Планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја укине работата од дома, за граѓаните полесно да ги решаваат бирократските проблеми, наиде на отпор. Синдикатите се погрижија вработените во Управата за социјално осигурување да можат да продолжат да работат од дома до 2029 година.
Станува збор за дури 42.000 вработени кои допрва ќе можат да работат во хибридна форма, а новиот договор за сите нив го потпиша комесарот Мартин О’Мали. Тој исто така изјави дека ова не само што ќе ја зачува сегашната форма на работа, туку всушност ќе ги намали трошоците, ќе го задржи персоналот и ќе им овозможи да продолжат квалитетно да и служат на јавноста.
Непознат извор потврдил дека во моментов, во зависност од работното место, вработените мораат да доаѓаат во канцеларија два до пет пати неделно, пренесува Newsweek.
Инаку, Трамп ги ангажираше Илон Маск и Вивек Рамасвами како советници, со цел да ги намали трошоците за владините операции, а токму тие предложија повеќе да не работиме од дома. Нивната крајна цел е да го намалат бројот на федерални вработени, кој брои дури три милиони.
Рамасвами во ноември рече дека нема да биде неопходно да се поднесуваат оставки бидејќи вработените сами ќе ги поднесат доколку се укине работата од дома. Тој и Маск сметаат дека само оваа одлука би го намалила бројот на вработени за цели 25%.
Тој изјави: „Ако вработените не сакаат да се појават на работа, Американците не треба да плаќаат даноци за да продолжат да ја користат привилегијата работа од дома создадена во ерата на коронавирус“. Сепак, бројни агенции претходно го воведоа хибридниот начин на работа на различни начини.
Маск веќе го опиша работењето од дома како морално погрешно, деструктивно за продуктивноста и лицемерно, имајќи предвид дека тоа не е остварливо во сите занимања. Тој ги нарече вработените кои работат така класа на лаптоп работници кои живеат во „ла ла ленд“.