Масивен скандал со хакирање ja тресе Италија


РИМ – Тоа е италијанската работа, но наместо грабеж на злато, хакери украле доверливи податоци на некои од најмоќните политичари во земјата. Од една соба зад миланската катедрала Дуомо, 44-годишниот ИТ консултант Нунцио Самуеле Каламучи извел неверојатно смел, повеќегодишен упад во базата на податоци за националната безбедност, според наводите откриени од италијанските обвинители во изминатите денови и изнесени детално во судски документ од 518 страници.

Каламучи, кој претходно се фалеше дека продрел во Пентагон со хактерскиот колектив Анонимус, предводел група млади софтверски инженери кои креирале и одржувале бази на податоци за Министерството за внатрешни работи како далечински тим.Но, во текот на ноќта, кога сообраќајот на серверите е бавен, групата преземала  куп приватни податоци што им припаѓаа на илјадници Италијанци, меѓу кои и на претседателот Серџо Матарела и поранешниот премиер Матео Ренци.

Прекршувањето на безбедноста стана национален скандал што го потресе политичкиот естаблишмент и ја посрамоти владата, која се соочува со повици за парламентарна истрага и ревизија на нејзините безбедносни политики.

„Огорчен сум и повреден за мене и моето семејство“, рече Ренци, лидер на центристичката партија Италија Вива, за ПОЛИТИКО. „Ова не е прв пат да ми се случи вакво нешто. Но, како Италијанец, лут сум затоа што ова е закана за демократијата и приватноста“.

Од утрово, четири лица се уапсени, а 60 се под истрага. Во четврток истражниот судија се очекува да ги слушне наводите, кои вклучуваат заговор за хакирање, корупција, незаконски пристап до податоци и кршење на службена тајна.

Наводно, упадот  во базите го предводела приватна компанија за истраги наречена Equalize, управувана од поранешниот врвен полицаец Кармине Гало под покровителство на Енрико Пацали, претседател на Fondazione Fiera Milano, италијански саем и конференциски оператор. Прислушувањето на владините бази на податоци се правело преку компјутерски вирус што  овозможил да ги контролираат серверите од далечина, како и преку кртови кои работат внатре. Една компромитирана база на податоци евидентирала сомнителни финансиски активности, друга следела трансакции со приватни банки и во трета биле сместени полициски истраги. Каламучи, кој работел за Equalize, наводно се фалел дека хакирал информации на 800.000 луѓе. Податоците потоа биле продавани на клиенти или користени за уценување на претприемачи и политичари од најмалку 2019 година до март оваа година, се вели во судскиот документ. Се верува дека групата собрала повеќе од 3,1 милиони евра од незаконски приходи.

Четворицата уапсени се ставени во домашен притвор, меѓу кои Гало, Каламучи, приватниот истражител Масимилијано Кампоново и Џулио Корнели, сопственик на технолошка и безбедносна фирма.

Аферата е „неприфатлива“ и „криминална“, рече министерот за надворешни работи Антонио Тајани во неделата. „Шпионирањето на приватниот живот на луѓето и потоа користењето на информациите за економски или политички цели е навистина закана за демократијата“.

Игнацио Ла Руса, претседателот на Сенатот и член на тврдодесничарската партија Браќа на Италија на Мелони, беше меѓу жртвите на хакирањето. Тој на X рече дека е „зачуден“ и „згрозен“ од тврдењата дека тој и неговите синови биле шпионирани.

Политичката опозиција повика на парламентарна истрага и бара премиерката Џорџија Мелони да објасни на законодавниот дом за нарушувањето на безбедноста, имајќи предвид дека информациите се украдени од Министерството за внатрешни работи, кое чува високо чувствителни податоци.

„Сакаме да знаеме дали има, и каков, доколку има, степен на вклученост на делови од државниот апарат“, велат Франческо Боча и Кјара Брага од Демократската партија во изјава споделена со италијанските медиуми.

Партијата Браќа од Италија на Мелони повика на нова легислатива и построги казни за хакирање по откритијата. Италијанскиот орган за заштита на податоците, исто така, објави соопштение во кое се вели дека формира работна група за да ја испита безбедноста на националните бази на податоци.

Министерот за надворешни работи Антонио Тајани рече дека задолжил тим за обезбедување на амбасадите и неговото министерство. Тој предупреди дека „информациите можат да ги користат нашите непријатели“.

Адвокатот на Пацали сепак рече дека неговиот клиент имал намера да докаже дека нема никаква врска со наводните настани. (Политико)