Мартин Гоџо го фати крстот во Охрид


Фото: OhridNews

Годинава Мартин Гоџо е среќниот фаќач на Светиот Крст од водите на Охридското Езеро. 

Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ги освети и во нив Чесниот крст го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј. На манифестацијата меѓу многубројни верници присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Претходно, Во Охрид централната богослужба се одржа во црквата „Успение на Пресвета Богородица“  –  Каменско. Богослужби  имаше и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува и оваа традиција, „Св. Никола“ во  Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви тргнаа кон Градското пристаниште каде што кусо по 10 часот се одржи голем Богојавленски водосвет и се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.