Марта Кос ќе ги престави новите заштитни мерки на ЕУ околу проширувањето
Еврокомесарката Марта Кос утре ќе го претстави новиот сет правно обврзувачки заштитни мерки за да се спречи новите членки да ја поткопуваат Унијата одвнатре. Уште пред филмот „Одисеја“ да се појави на екраните ова лето, нејзината главна порака беше: „Без тројански коњи“. Тоа ѝ даде еден вид империјална величественост на дебатата за проширувањето, што е и разбирливо.
Брисел сè уште ги чувствува последиците од годините на надмудрување со Унгарија и Полска – земји што се приклучија во бранот на проширување од 2004 година – околу независноста на судството и медиумите. Но, новите заштитни мерки – кои, како што откривме минатата недела, ќе предвидуваат казни за назадување во демократијата, па дури и можност за привремено суспендирање на правото на вето – всушност не се наменети за новите членки. Тие служат за да се „продаде“ идејата за проширување на евроскептичната јавност низ ЕУ, особено пред низата избори на кои се закануваат популистичките сили, пред сè во Франција.
Франција, Германија, Холандија и Белгија тврдеа дека се потребни најстроги мерки за владите да можат убедливо да го промовираат проширувањето. Амбициозните нови заштитни мерки веројатно ќе бидат по нивна мерка.
За која било земја да се приклучи кон ЕУ – дури и за мала земја како Црна Гора – потребно е одобрение од сите 27 национални парламенти. Во Франција можеби ќе биде потребен и референдум, освен ако не се обезбеди исклучително тешко достижното мнозинство од три петтини во двата дома на Парламентот. „Со подемот на ’Националниот собир‘, потребни ни се аргументи“, рече еден дипломат.
Но, група земји предводени од Италија и Австрија, кои го ставаат во преден план вклучувањето на Западен Балкан во Унијата, веќе изразија противење на идејата за вакви нови заштитни мерки.
„Од политички аспект, тие се неприфатливи за значителен број земји-членки“, изјави Стивен Блокманс, експерт за проширување.
Исто како што постојат поделби меѓу земјите од ЕУ, така и предлогот за строги заштитни мерки може да ги разлути земјите-кандидати, особено оние што инсистираат дека постигнуваат рекорден напредок во реформирањето на судството.
„Многу е важно да се избегне каков било впечаток за поделба на нивоа, за ’втора категорија‘ или за каков било друг вид стратификација; сметам дека тоа би ѝ наштетило на европската идеја и би било искористено од Русија“, предупреди во понеделникот премиерот на Молдавија, Василе Тофан.
За многу земји-кандидати, патот кон европскиот дом наликува на Одисеја. Претстојните месеци ќе покажат дали Кос може да ги приведе кон крај тие епски патувања, а истовремено да ги спречи непожелните гости да се протнат низ портите на „Берлемонт“.
Како одговор на тоа, се очекува Комисијата да предложи поширока примена на гласање со мнозинство гласови наместо со едногласност. Оваа промена би влијаела на чувствителни области како што се безбедноста и одбраната, санкциите, човековите права и самото проширување. Ваквиот пристап би можел да го забрза процесот на пристапување за земји како Украина. Парадоксот е во тоа што предлогот на Комисијата за укинување на барањето за едногласност при носење одредени одлуки, и самиот ќе бара едногласна поддршка од сите 27 земји-членки.
Европската комисија предлага поширока употреба на гласање со квалификувано мнозинство за некои посредни одлуки во процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и за отворање на преговарачки кластери.Комисијата нагласува дека нема намера да ги намали критериумите за членство и дека процесот ќе остане целосно врз основа на постигнатите резултати од апликантите.
„Ние не ги намалуваме стандардите и не отстапуваме од принципот заснован на заслуги“, рече претставник на Комисијата. Напредокот на кандидатите не е резултат на „геополитичка отстапка“, туку на исполнување на условите за членство.
ЕК посочи дека сегашните европски договори веќе даваат можности за промена на начинот на донесување одредени одлуки без да се бара целосна измена на договорите.Една од предложените мерки е активирање на таканаречените преодни или „пасерел“ клаузули кои овозможуваат одлуките за кои е потребно едногласност да одат на гласање со квалификувано мнозинство. Меѓутоа, по се изгледа, самото активирање на овие клаузули бара едногласност меѓу земјите-членки.
Комисијата, според кажаното на брифинг во Брисел, ќе го охрабри Советот целосно да ги искористи постоечките можности за гласање со квалификувано мнозинство. Како конкретни примери беа наведени „специфичните меѓучекори“ во процесот на проширување, вклучително и отворањето на преговарачките кластери. Сепак, во претставениот документ Комисијата не наведува дека сите фази од преговорите ќе преминат на гласање со мнозинство. Предлогот се однесува на конкретни меѓучекори таму каде што правната рамка го дозволува тоа.
Комисијата ја гледа реформата како дел од подготовките на самата ЕУ за идното проширување. Според спроведената анализа, Унијата може да функционира и со повеќе земји-членки, но ќе бидат потребни насочени промени во политиките, управувањето и финансирањето во одредени области.
Истовремено, Брисел предлага посистематска и постепена интеграција на земјите-кандидати, дури и пред тие да станат полноправни членки. Ова вклучува пристап до европски програми, поблиска соработка со агенциите на ЕУ, учество во делови од единствениот пазар и во проекти од областа на транспортот, енергетиката и дигитализацијата, како и вклучување во експертски групи и комитети.
Комисијата нагласува дека постепената интеграција не е ниту алтернатива, ниту „краток пат“ до членството, туку алатка за забрзување на подготовките на кандидатите.За да добијат пристап до различните елементи на оваа интеграција, земјите-кандидати ќе треба да ги исполнат релевантните секторски барања и да покажат стратешка усогласеност со ЕУ.
Комисијата предлага и посилни заштитни механизми по приемот на нови земји-членки. Меѓу овие мерки е и нов институционален механизам што може да се активира во случаи на сериозни прекршувања кои влијаат врз функционирањето на ЕУ или врз основните европски вредности.Во особено сериозни случаи, Комисијата ја предлага можноста за привремено суспендирање на правото на глас на новопримената земја. Овој механизам би можел да остане на сила до 15 години по приемот и, според предлогот, за негово активирање не би била потребна едногласност.
Предвиден е и засилен надзор за периодот меѓу потпишувањето на договорот за пристапување и самото членство. Како крајна мерка, предлогот ја вклучува и можноста за одложување на пристапувањето доколку земјата сериозно отстапи од своите обврски.
Комисијата ја посочи Црна Гора како најнапреден кандидат. Земјата има за цел да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година – временска рамка што Комисијата ја смета за реална. Албанија има за цел да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година, додека Молдавија цели кон првата половина на 2028 година.