Марко Рубио ја пофали американската амбасадорка во Атина ден пред претстојната посета на Грција
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја пофали работата на амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, истакнувајќи ја нејзината улога во унапредувањето на агендата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во Грција и Европа, неколку дена пред неговата планирана посета на Атина, објави „Катимерини“.
„Амбасадорката Гилфојл е исклучително ефикасен поддржувач во Грција и Европа на агендата на претседателот“, нагласи Рубио во објава на социјалните мрежи што ја сподели Амбасадата на САД во Атина.
„Претседателот Трамп и јас високо ја цениме клучната работа и лидерство на амбасадорката во регионот. Таа успешно ги унапреди американските енергетски интереси во Грција и низ цела Југоисточна Европа преку регионални проекти како што е Вертикалниот енергетски коридор“.
Оценката доаѓа кратко откако истрагата на „Волстрит џурнал“ покрена прашања за нејзиниот однос со грчка енергетска и градежна компанија и лобист кој ја придружуваше на состаноци со високи функционери. Извештајот, исто така, ја испитува нејзината улога во промовирањето договори за американски течен природен гас во Југоисточна Европа, наведува Катимерини.
Грција се подготвува да го пречека Марко Рубио на 6 и 7 октомври, а се очекува разговорите да се фокусираат на билатералните односи, енергетската соработка и регионалната безбедност во услови на зголемени геополитички тензии. Тоа ќе биде прва посета на Рубио на Грција како државен секретар.