Маричиќ: Мицкоски купува време, најголемо македонско обединување е ако се гласаат уставните измени

„Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, еве им се дава можност да не ја пропуштат и овојпат“, рече вицепремиерот за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Политички игри за собирање поени – ги нарече вицепремиерот за европски прашања,Бојан Маричиќ, повиците на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за  обединување на Македонците со цел да се симне ДУИ од власта –  став што го стави во контекст на најавената лидерска средба утре, на која место тоа, треба да се изјасни за промената на Уставот.

„Јас го гледам ова како маневарски потег за купување време и собирање евтини политички поени. Одговорноста на секоја политичка партија не може да се отстрани со коментирање или напаѓање на друга. Време е и Мицкоски, и другите, да се соочат со тоа дека имаме шанса да донесеме одлука заедно и за која никој нема да биде обвинуван, бидејќи не го нарушува концептот на нашата држава и не го нарушува нашиот идентитет. Така што, објаснување за ваквата изјава нема освен политички игри за собирање поени. Мислам дека сите тие прашања околу евентуалните коалиции можат да се разговараат понатаму. Најдобро ќе се постигне  македонско национално единство доколку сите големи македонски партии гласаат за уставните измени и го отворат патот кон ЕУ. Ние ќе имаме уште многу теми за кои ќе мораме заеднички да разговараме. Она што треба да не обединува е желбата што побрзо да ја оствариме определбата за членство во ЕУ зошто само така ќе направиме нешто добро за нашите граѓани“, рече Маричиќ. 

Прашан што ќе му понудат на Мицкоски на лидерската средба Маричиќ рече дека не може да зборува во име на премиерот, но очекува да бидат поставени сите прашања околу уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно, со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада.

„Мислам дека дијалогот е најдоброто решение, така што пред да започне процедурата во Собрание логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии и да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш е конструктивна, вели Маричиќ. 

Тој сепак повтори дека најважно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки. 

„Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, еве им се дава можност да не ја пропуштат и овојпат, со тоа што овојпат текстот и содржините на измените се со далеку помала тежина и предизвикуваат помали проблеми во однос на тоа што беше претходно“, оцени Маричиќ. 

Тој беше дециден дека, ако не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ. 

„Има некое чувство кај дел од опозицијата дека не е битно кога ќе бидат измените и дека можат да се направат по три или по четири години. Мислам дека тоа е едноставно губење време, коешто не можеме да го вратиме и коешто може да предизвика уште десет години да останеме во чекалната“, вели Маричиќ. 

„Затоа, реков одговорноста на опозицијата е огромна и не може да се избегне. Знам дека би сакале најмногу некој друг да ги реши проблемите за нив, но дел од нив ќе мора да учествуваат во оваа одлука. Јас верувам дека ќе дојдеме до таа точка и нема да ја пропуштиме шансата“, додаде Маричиќ.

Околу оптимистичката изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Македонија може да стане членка на ЕУ и за 3-4 години, Маричиќ преферираше да остане повеќе реалист. 

„Ние ги започнавме преговорите минатата година, а тие во просек траат четири до пет години, така што тоа толку и не е неостварливо, ако работиме од двете страни. Секако дека мораме да бидеме оптимисти, но и реални. Владата зацрта цел до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Три-четири години е многу скоро, но за толкав период можеме да се поместиме многу во преговорите со ЕУ, доколку работиме и, се разбира, доколку ЕУ зацрта агенда и тие три-четири години бидат искористени максимално, ќе бидеме неповратно и брзо отидени кон членство“, вели Маричиќ. (Н.В.)