Маричиќ ќе го менува преговарачкиот тим за ЕУ

Маричиќ рече дека ќе се менува преговарачката структура бидејќи е застарена и треба да се прилагоди на новата методологија за преговарање


Вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ денес го претстави начинот како ќе се водат преговорите со Европската унија, при што најави дека ќе има промена во преговарачкиот тим, но не навести дали ќе се поделат политичката и техничката функција. Тој  ги објасни двете фази на скринингот што формално е почнат, а технички ќе стартува од септември.  

„Ги започнавме преговорите онака како што ветивме – со заштитен македонски јазик и идентитет. Сѐ е направено пред сѐ заради нас, за нашите граѓани и нашите деца да живеат подобро и да живеат како сите останати европски народи“, порача Маричиќ.

„Де јуре и де факто процесот започна пред два дена, на 19 јули, кога ја одржавме првата меѓувладина конференција, што е последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ“, рече тој додавајќи дека тоа се случува 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ.

Маричиќ притоа соопшти дека 45 отсто од нашето законодавство веќе е усогласено со европското и дека Македонија веќе поминала објаснувачка фаза на скринингот за сите 33 поглавја во 2018 и во 2019 година, во која биле вклучени околу 2.000 наши службеници. Сега  тој процес треба да се прилагоди на новите промени во ЕУ и на новата методологија за водење на преговори. Според неговите очекувања, скринингот треба да заврши до ноември идната година, што ќе биде пократко од 24 месеци, колку што траел за Србија и за Црна Гора. Првиот скрининг извештај, пак, го очекува на крајот на март идната година.

Околу преговарачката структура Маричиќ рече дека ќе се менува бидејќи е застарена, од пред четири години, и бидејќи треба да се прилагоди на новата методологија за преговарање. Но, тој  не навести како ќе се поделат главните улоги во неа – поточно дали ќе се раздвојат политичката и техничката улога.

Инаку, во досегашната историја на преговарање со ЕУ речиси немаше смени на преговарачите што биле именувани на почетокот, иако преговорите трајат и над една деценија за некои земји. Единствен познат пример за спротивното е Црна Гора која има трет преговарач сега, откако првиот бил сменет поради скандал, а вториот настрадал заради смена на власта, кога новата влада посакала свој човек на оваа функција. Оваа тешка и техничка функција е атрактивна пред сѐ поради можноста од неа да се добие еврокомесарска фотелја, бидејќи искуството досега покажа дека тоа најчесто се случува. 

Објаснувајќи го технички скринингот Маричиќ најави дека тој се состои од две фази. Прва е фазата на објаснувачки скрининг кога Европската комисија на државата кандидат и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје, а втората – билатерален скрининг, кога земјата кандидат го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство со презентираните акти на ЕУ, институционалните капацитети и спроведувањето на законите. Маричиќ притоа појасни дека скринингот, иако се гледа како техничка операција, е суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи дава слика  што треба да направиме во годините што следат  за да и спроведеме реформите од ЕУ-агендата, да ги отвориме и да ги затвориме поглавјата и кластерите. Според Маричиќ, скринингот по кластери и поглавја официјално ќе почне во септември и тој ќе се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија.

„Во ист ден одржавме меѓувладина конференција и заеднички го почнавме скринингот со Албанија. Заедно ќе го тераме и објаснувачкиот дел“, одговори Маричиќ на прашањето зошто има разлика во соопштението за Македонија и тоа за Албанија околу отворањето на преговорите. Според него разликата е јасна,  дека Македонија има услов за “затворање на отварачкиот дел од преговорите“, нешто за што опозицијата тврди дека всушност значи дека преговорите со Македонија не се ни почнати, повикувајќи се на соопштение на Европскиот совет.

Во истото пак соопштение стои исто така дека  преговорите се отворени и дека веќе е усвоена Преговарачката рамка, за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упорно тврди дека не е и дека со референдумот ќе ја менува. Според него, ни скринингот не е почнат, туку тоа што ќе го правиме сега е „мониторинг“, што потсетува на неговите изјави дека не сме станале членка на НАТО со месеци откако нѐ поканија официјално и го потпишавме пристапниот документот, бидејќи ратификацијата во другите земји не беше завршена.         

Маричиќ, презентирајќи ги другите одлуки околу преговорите со ЕУ, најави и повеќекратно зајакнување на македонската мисија во Брисел за да има капацитет да ги следи случувањата во ЕУ, ново системско решение со кое ќе се задржат кадрите што работат на прашања поврзани со евроинтеграцијата, зајакнување на капацитетот за апсорбција на ЕУ фондовите и за спроведување на ЕУ стандардите  и нова комуникациска стратегија. 

Според него,  влегуваме во процес кој ќе ни даде рамка, мотив и иницијатива да одиме што побрзо со реформите.

– Ако Србија и Црна Гора преговараат 10 години, а ние и Албанија почнуваме сега, треба да имаме мотив да дојдеме отприлика на исто ниво на фаза на отворени и затворени поглавја за да се надеваме дека имаме шанса да влеземе заедно со Србија и Црна Гора кога и да биде првото наредно проширување на ЕУ, рече Маричиќ.