Маричиќ: Граѓаните веќе ја забележуваат проактивната улога на Судскиот совет
Задоволство од резултатите и темпото на спроведување на реформите во правосудството изрази денеска министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на дијалогот за јавни политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година со Акциски план – до каде сме и што понатаму“, што се одржа во организација на Институтот за европска политика. Дополнително, најави нови мерки со цел зацврстување на правната држава, соопштија од Министерство за правда.
– Практиките во судството се менуваат благодарение на чекорите кои ги преземаме. Граѓаните веќе ја забележуваат проактивната улога на Судскиот совет. До денес имаме 16 разрешени судии, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Ова е факт кој говори дека законските измени за реформирање на правосудството и враќањето на довербата на граѓаните во судството, не се само на хартија, туку се функционални и истите се применливи во пракса, потенцираше Маричиќ.
Тој додаде и дека направена е промена, но и дека има уште многу да се работи. Потврди дека реформата останува високо на агендата на Владата и смета дека сме на вистинскиот пат кон исполнување на целта за независен, професионален, транспарентен и ефикасен правен систем.