МАНУ со препорака за промена на уставната Преамбула за внесување на Бугарите

Преамбулата на Уставот и неговиот нормативен дел не е во спротивност со Уставот, затоа што бугарската заедница  е веќе опфатена со општата формулација „други“ (народи).


Фото: Б. Грданоски

 

Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Министерството за финансии на Република Северна Македонија и Секретарјатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија, на 22.06.2023 година одржа научна конференција на тема: „Забрзување на процеост на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.

На конференцијата зедоа учество 50 научни работници од академската заедница – академици, професори од државните и приватните универзитети, од научните институти и од други домашни научни и стручни институции и дел од владините експерти кои активно работат на процесот на приближување и интегрирање на Република Северна Македонија кон ЕУ.

Работата на научниот собир се одвиваше во два панелa: Правни и политички аспекти и Економски аспекти, со завршна Пленарна расправа на која се презентирани ставовите и предлозите на учесниците на Собирот содржани во нивните реферати.

Во рамките на Првиот панел- Правни и политички аспекти, низ презентацијата на научните реферати се елаборирани повеќе правни и политички аспекти на сегашната состојба, потребите од забрзување на процесот на евроинтегација во контекст на драматичните промени на светската сцена, геостратешките и геополитичките поместувања и зголемувањето на интересот и на Европската Унија за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија.

Презентирани се опстојни и научно аргументирани ставови за повеќе значајни теми, кои се однесуваат на прашања опфатени со Првиот кластер од Преговарачката рамка- фундаментални вредности, владеење на правото, човекови права и правата на малцинствата, независно судство и демократски јавни институции. Во  тој контекст се елаборирани  предизвиците на судските реформи, реформите на јавната администрација и апроксимацијата на македонското законодавство кон правото на ЕУ во одделни  подрачја на приватното право, даночниот систем и други подрачја на правото.

Посебно внимание е посветено на усвоената Преговарачка рамка и билатералниот Протокол, и со нив поставените услови што Републиката треба да ги исполни пред втората Меѓувладина конференција: подготовката на Патоказ со акционен план за владеење на правото и за заштита на човековите права на припадници на малцински заедници, недискриминација, борба против говорот на омраза, образование и ефективни и одговорни институции и Патоказ за развој за функцонирање на демократските институции и реформа на јавната администрација. Истакнато е дека академската заедница треба да биде вклучена во иклузивниот процес на нивна подготовка, заедно со другите компетентни институции и граѓански организации.

Во однос на условот што се однесува на внесување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот и неговиот нормативен дел (одредбите во кои се споменуваат немнозинските заедници), учесниците во расправата го споделија ставот дека таа не е во спротивност со Уставот,  затоа што бугарската заедница  е веќе опфатена и со постојната Преамбула со општата формулација „други“ (народи). Изречното споменување и на делови од народи, покрај бугарскиот (црногорскиот, хрватскиот и други) има директна основа во Договорот за ЕУ, во кој почитувањето на правата на малцинствата е прокламирано како основна вредност на Унијата, како и во конвенциите и другите меѓународни документи за правата на малцинствата. Во однос на Преамбулата се изнесени и неколку посебни ставови:  дека таа треба во целост да се редактира; дека треба да ги опфати сите заедници, регистрирани со последниот попис, што би претстатвувало напуштање на сегашниот селективен концепт кој е дискриминаторски и допушта асимилација на малите заедници и дека текстот на Преамблата треба да се дополни така што по изразот „други“ (народи) би се додал следниов текст: „кои ги остваруваат своите слободи и права почитувајќи го националниот   идентитет, јазик и култура и историските корени на македонскиот народ и деловите од  другите народи кои живеат во Републиката…..“ Укажано е, исто така, дека заедно со усвојувањето на уставните амандмани треба да се усвои и Уставен закон за нивното спроведување, кој би требало да назначи кои измени треба да бидат извршени во домашното законодавство и во кои рокови.

Констатирано е, исто така, дека дебатата за промените на Уставот треба да ги опфати не само прашањата за нивната оправданост и содржина, туку и за нивните реперкусии, со сите предупреди за можноста од злоупотреби од која било страна, што може да бидат превенирани со доследно применување на начелото на владеење на правото и спречување на билатерализација на процесот на евроинтеграција.

                    

Во рамките на Вториот панел – Економски аспекти, се дебатираа клучните економски критериуми за интеграција на земјата во ЕУ – воспоставувањето на функционална (одржлива) пазарна економија и оспособување на земјата за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на ЕУ. Во овој контекст фокусот на раправата беше врз: конкурентноста,  продуктивноста и извозните перформанси на македонската економија, растот и развојот – состојби, ограничувачки фактори и перспективи, фискалните предизвици на централно и на локално ниво, прашањата за реална доходовна и ценовна конвергенција  кон стандардите на ЕУ, европскиот пристап  на  оданочување  на дигиталната економија и др. Учесниците во расправата јасно ги идентификуваа областите во кои имаме определен напредок  и релативна предност кога станува збор за нашиот пат кон ЕУ, областите во кои работите останале непроменети (статус кво) и областите во кои имаме назадување во однос на претходниот период и понудија научно засновани препораки за подобрување на состојбите. Оценка на учесниците е дека евроинтеграциите се катализатор на економскиот развој и можат да придонесат за подобрување на сите економски параметри на земјата: БДП по глава жител, домашните и странските инвестиции, извозот, животниот стандард на граѓаните и сл. Учесниците на Конференцијата, исто така, го споделија мислењето дека научните истражувања и препораките кои научната фела ги упатува до креаторите на политиките можат да дадат значаен придонес во процесот на  нашето приближување до европските стандарди во сите области кои беа предмет на расправа на конференцијата.

Трудовите од Научната конференција, МАНУ, Министерството за финансии и Секретарјатот за европски прашања ќе ги објават во посебен Зборник. Секој од објавените трудови ќе содржи кратки и јасни препораки до креаторите на политиките за можните пристапи за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.