Манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение” по 15-ти пат во општина Илинден


Општина Илинден ја реализираше традиционалната 15-та по ред манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение”, со која се обезбедени 1000 нови книги за библиотеките во општина Илинден.

Поради вонредната состојба со пандемијата со корона вирусот годинешната манифестација, како што информираат од општината, имаше сосема нов лик, изостана традиционалниот настан во Домот на култура „Илинден“, но затоа голем број на стопанственици, писатели, граѓани… со цел да ја продолжат традицијата како долгогодишни учесници во оваа манифестација подарија книги од повеќе реномирани домашни и светски автори. Манифестацијата се одвиваше според сите протоколи за заштита и поради пандемијата ќе трае повеќе денови.

-Оваа оригинална и единствена од ваков вид манифестација која што истовремено ги обединува културата, уметноста и традицијата, се одржува секоја година на Велики четврток, во пресрет на големиот христијански празник Велигден, при што секој посетител на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ што ќе даруваше книга за возврат добиваше црвено Велигденско јајце. Од почетокот на оваа благородна манифестација пред 15 години досега се обезбедени триесет и седум илјади книги (37000 книги) наменети за Општинската библиотека „Илинден“, библиотеката во Домот на култура „Марино“ и училишните библиотеки во општинските основни училишта: „Гоце Делчев“ – Илинден, „Ристо Крле“ – Кадино и „Браќа Миладиновци“ – Миладиновци, се наведува во соопштението од општината.

Манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение” одбележувајќи го 15-ет годишниот јубилеј покажа дека ја остварува својата цел – ја доближи книгата до сите возрасти читатели, а што е најважно пишаниот збор го доближи до најмладите, па затоа не изненадува што веќе имаме и повеќемина ученици од основните училишта кои издадоа и промовираа сопствени книги.

Како што е посочено во соопштението, благодарејќи на оваа манифестација учениците од основните училишта, како и од Средното општинско стручно училиште „Илинден“, на располагање имаат библиотеки богати со книги од сите жанрови, како и пристап до неопходните лектирни изданија и тоа по повеќе примероци од секој наслов, што овозможува повеќемина ученици во ист период да можат да ја имаат потребната лектира.

-Заслуга за успешноста на манифестацијата имаат и повеќемината реномирани македонски писатели и поети кои со своето редовно учество на оваа манифестација беа мотив повеќе младите од општина Илинден да тргнат по нивниот пат. Ова се должи и на повеќегодишната успешна соработка на општина Илинден со Друштвото на писателите на Македонија, со чија соработка се реализира Литературната манифестација „Илинден“, се додава во соопштението.

Од општина Илинденат изразуваат голема благодарност до сите досегашни учесници во манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение“, кои што подарија книги, на преставниците од бизнис секторот, на повеќе издавачки куќи, научни институции и факултети, амбасади, на писателите, на учениците, како и на големиот број граѓани, кои со дарувањето книги го збогатија библиотечниот фонд на двете општински библиотеки, како и училишните библиотеки, давајќи голем придонес во афирмацијата и развојот на културата, образованието и науката.

-Негувањето на пишаниот збор и во иднина останува во приоритетите на општина Илинден, па затоа во наредниот период ќе се воспостави и е-библиотека, каде што читателите ќе имаа пристап до пишаниот збор и по електронски пат, се наведува во соопштението.