Мандатот на Арсовска низ фотографии: Главните проекти стојат како пред една година

Нема речиси ништо од ветувањата за „модерно Скопје“. Големите проекти се во истата состојба какви што ги остави Шилегов


 

Една година од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, која во својата кампања најавуваше дека главниот град ќе го претвори во „модерно Скопје“, прошетавме низ улиците да провериме до каде е реализацијата на замислата.

На некои проекти се работи, повеќето стојат во место, а некои не се ни почнати.

Ако тргнете од Општина Аеродром, се забележува дека мостот „Михајло Апостолски“ е целосно завршен, но по него не сообраќаат автомобили. Се забележува по некој пешак и возачи на мотори, но пристапот до него од едната страна е оневозможен со големи бетонски паравани. Една година подоцна тој во основа е онаков како што го остави претходниот градоначалник Петре Шилегов.

Мостот „Михајло Апостолски“ во Аеродром  (Фото: Б. Грданоски)

Состојбата на булеварот „Киро Глигоров“ е близу до опасна. Отворени шахти, чакал на половина од крајниот коловоз, метеж и нервоза. Ако се знае дека тој булевар води до излез од Скопје на автопат, тогаш останува прашањето зошто толку долго булеварот не е доведен во адекватна состојба за одвивање сообраќај.

Булеварот „Киро Глигоров“ во Аеродром, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Во Кисела Вода улицата „Есенинова“ за која толку се зборуваше и ветуваше никако да стане проодна. Изградени се повеќе од две третини од оваа улица која треба да ги поврзе Кисела Вода и Аеродром, но последните 200-300 метри се земјени и нема напредок во работите. И таа стои онака како што беше во последните денови на мандатот на Шилегов. Арсовска неколку пати најавуваше дека таа ќе биде завршена за кусо време и ќе овозможи побрз преод од еден дел на Скопје во друг, од тоа нема ништо. Останаа само зборовите.

ул. „Есенинова“ Кисела вода, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Поинаква е ситуацијата за клучката кај Момин Поток. Таму, за разлика од другите места, интензивно се гради. Таму треба да има два кружни тека. Овој потег дневно го поминуваат околу 25.000 возила, а со завршувањето на овој проект треба да се реши едно најкритичните тесни грла во Скопје.

Клучка Момин поток, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

На крајот на улицата „Љубљанска“ до улицата „Скупи“ лани во август почна да се гради нов мост преку вардар. Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска градежните работи беа стопирани и како што рече таа, ниту мостот на „Љубљанска“ ни мостот на булевар „АСНОМ“ не може да се градат бидејќи на трасата имало нерешени имотно-правни работи за кои било потребно години да се разрешат.

Мост на „Љубљанска“, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Во моментот се работи и на реконструкција на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ што треба да трае пет месеци, но автобусот на ЈСП со број 5, кој според соопштението, место на оваа улица треба да застанува кај третата канделабра кај бензинската, едноставно само поминува од таму и не собира патници.

ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Запрена е и реконструкцијата на Универзалната сала. од последната година останаа само сеќавањата на на онаа хаотична прес-конференција кога Арсовска се расправаше со авторите на проектот и и други архитекти и обвинувањата дека има повеќе спорни работи во него. Во моментот, таму се забележува една градежна депонија, рид од градежни материјали и песок, а објекотот е заграден со метални тараби. Никој не знае кога ќе продолжи реконструкцијата, дали тоа воопшто ќе биде во мандатот на Арсовска.

Универзална сала, ноември 2022 (Б. Грданоски)

Истата грда слика е и во Градскиот парк, на местото на долго ветуваниот Луна парк. За него, уште пред два градоначалнички мандата беа набавени луди железници, но досега не се најде човек кој ќе го среди и ќе го пушти во употреба овој забавен објект за скопјани. Арсовска во паркот ги обнови летниковците и дел од урбаната опрема, но доби огромен број негативни критики од јавноста кога почна да ги асфалтира патеките, кои од постоењето на паркот беа земјени. По ден-два таа се откажа од асфалтирањето, велејќи дека идејата била погрешно разбрана.

Луна парк, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Во оваа една година од мандатот на градоначалничката Арсовска, се реконструираа повеќе улици низ Скопје, како: „Бутелска“, последниот дел на булеварот „Борис Трајковски“, „Славка Динкова“, „Јустинијан први“, „Димо Хаџи Димов“, „Перо Наков“, најавени се реконструкции на 26 улици во Ѓорче Петров, неколку улици во Радишани, неколку во Шуто Оризари и други.

Во меѓувреме, започна изградбата на еден од петте најавени мега-паркови во Ченто, како и оној во Ѓорче Петров, но се далеку од тоа да заличат на паркови. Иако, пред една година беше исчистен потегот во Ново Лисиче покрај Вардар, каде, исто така треба да никне мега-парк, таму не се работи.

Во Сарај, Градот помогна да се реконструираат шест спортски терени, со цел ова излетничко место, изградено во 1948 година, да го врати стариот сјај и таму навистина изгледа убаво и средено.

СРЦ Сарај, ноември 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Од ветувањата кои Арсовска ги даде во програмата за модерно Скопје, освен последниот дел од булеварот „Борис Трајковски“, не е почнат ниту еден од петте булевари. Исто така, се формира Собрание на млади на град Скопје, но од ветувањето за Инопарк, Смарт Скопје, еколошката мобилност и современи услови за учење од образовната инфраструктура речиси да нема ништо.

На почетокот на мандатот Арсовска се зафати со чистење на градот, што од депониите, што по улиците и јавните површини. Но, ако сега прошетате низ Скопје, нема да го доживеете како чист град. Скопје е валкано можеби повеќе од порано.

Проблемите со директорите на јавните претпријатија, дополнително ја замаглија сликата на градоначалничката на Скопје. Во нејзин мандат Скопје за прв пат остана, по неколку часа два дена, без јавен превоз. „Водовод и канализација“ е пред штрајк, со закана дека нема да ги поправа дефектите, а вода ќе има. Град Скопје никако да формира одделение за односи со јавност кое навистина ќе комуницира со медиумите и со јавноста… Изгледа уште многу ќе треба да чекаме за да го видиме замисленото модерно Скопје на Арсовска.