Манчевски со серија мастеркласи на Универзитетот во Аризона – проекции на „Пред дождот“, „Мајки“ и „Бикини Мун“


Македонскиот режисер Милчо Манчевски неделава е во фокусот на Државниот универзитет во Аризона, САД. Манчевски ќе одржи серија мастеркласи и предавање, а се прикажуваат и неговите филмови „Пред дождот“, „Мајки“ и „Бикини Мун“.

Серијата мастеркласи се одржува во Новата американска филмска школа „Сидни Поатје“, а почна со анализата на „Бикини Мун“, неговиот американски филм од 2017 кој е лажен документарец за ветеранка од војната во Ирак и е снимен  во Њујорк. Во серијата, меѓу другите, се и мастеркласите на кои Манчевски ќе ги прикаже неговите техники за работа со актери и концептот за кадар.

 

Гостувањето на Универзитетот во Аризона ќе се заокружи со предавање во Центарот Меликијан.

Творештвото на Манчевски е дел од наставните програми на бројни универзитети во светот, како и тема на многу есеи и книги. Неговите дела се предмет на истражувања на бројни конференции, меѓу кои и оние посветени на „Пред дождот“ на Универзитетот во Лајпциг и на „Прашина“ на Европскиот универзитет во Фиренца.

Во богатиот академски ангажман на Манчевски се и професор на Универзитетот на Њујорк,  предавач на универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Браун, Јеил, Шангај, ВГИК во Москва, Филмската академија на Куба и многу други низ светот.

Седмиот филм на Манчевски „Кајмак“ имаше светска премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година, лани беше најгледан филм во Македонија и се прикажа во кината низ 30 градови во земјава. „Кајмак“ од почетокот на годинава го продолжува животот по низа филмски фестивали во светот.