ДУИ ги условува малите партии со отворени листи и изборен праг од пет отсто

Арбер Адеми го обвини лидерот на ДС, Павле Трајанов дека сакал да си обезбеди работно место за цел живот и затоа бил против отворените изборни листи


Фото: Б. Грданоски

 

Лидерите на малите политички партии побараа денес во пакетот изборни реформи да влезе и иницијативата за една изборна единица, но наидоа на тврд ѕид од ДУИ кои таквата промена ја условуваат со отворени листи и повисок изборен праг. Предлагачи на Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик се Моника Зајкова, Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Бејџан Иљас, Љупчо Балковски, Борислав Крмов и Панчо Минов. За ваква измена на изборниот модел се говори повеќе од шест години, но досега таа заложба остана без конкретен исчекор.

Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, порача дека со една изборна единица ќе започне силен процес на демократизација и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се демонтира монополската положба на владеење на една партија, секој глас ќе има иста тежина, а составот на парламентот ќе биде одраз на определбата на граѓаните кои ќе имаат можност за избор.

„Со воведување една изборна единица, како и со отстранување на системските предности на четирите партии поврзани со финансирање на изборната кампања, медиумскиот простор за политичко претставување и државното финансирање на партиски институти, ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар и при носењето круцијални и други стратешки одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци“, тврди, меѓу другото, Трајанов.

„Моделот нас не ни е приоритет“, рече минатата недела министерот за правда, Кренар Лога, објаснувајќи дека прва задача е внесувањето на забелешките и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а втора задача изготвување на нов изборен законик. Од друга страна, помалите политички партии како приоритет ја посочуваат токму промената на изборниот модел и денеска побара да се стави на дневен ред „заборавениот“ предлог-закон, кој застана на прво читање во Комисијата за политички систем.

„Со една изборна единица и со бришење на системските предности што ги добиваат големите партии, со 90% од медиумскиот простор за нивна реклама, ќе се демократизира процесот, ќе се демонтира нивната досегашна монополска положба и ќе се зајакне одговорноста“, вели за ДВ пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Дел од малите партии се подготвени да разговараат и за изборен праг, но не за онаков каков што спомена претставникот на ДУИ, Арбер Адеми, кој смета дека ако се зборува за една изборна единица, тогаш треба да има отворени листи и изборен праг од 5 отсто. Адеми на денешната прес-конференција порача дека Павле Трајанов сака да си обезбеди работно место за цел живот и дека се противи поради тоа на отворените изборни листи бидејќи ќе се види колку е неговата вистинска политичка тежина и на партијата.

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлива една изборна единица, дециден е координаторот Никола Мицевски. Тој  тврди дека во моментов кочничари за промена на изборното законодавство е ДУИ и „нивниот помал коалициски партнер СДСМ“.

„Разобличивме една лага од изминатиот период. Во времето на Зоран Заев бевме обвинувани дека сме против една изборна единица. Ние дадовме подршка за една изборна единица иако не учествуваме во работната група за имени на изборното законодавство. Во моментов најголеми кочничари се големите владејачки партии ДУИ и нивниот помал коалициски партнер СДСМ“-објаснува Мицевски. 

ОД СДСМ го негираат тоа, порачувајќи дека не само што ги поддржуваат измените на Изборниот законик, туку се и првата политичка партија што во својата програма уште во 2016 година внела предлог за една изборна единица.

„Ги поддржуваме законските измени којшто се во делот на препораките од ОБСЕ и ОДИХР.
Во делот на прагот, во делот на отворените листи и со оглед на тоа дека Изборниот законик секогаш се носел со консензус апелираме преку дебата, преку дијалог во работната група да се утврдат потребата од отворени листи, потребата од праг. Битно е да се дискутира и зеднички како политички партии да го предложиме Изборниот законик и да го изгласаме тука во Собранието“, порачаа од СДСМ.