Мала џунгла спроти „Нова Македонија“, а и насекаде низ Скопје

Пролетта дојде со својата сила, а заедно со неа тревата почна да расте, да расте, да расте. Во Скопје тоа можете да го видите на секој чекор. Тревниците (освен на неколку места) се претворени во мали џунгли, како оваа на фотографииве спроти зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“. Заедно со уште 11 исушени млади дрвца.
Скопје е оставено така – во голем негов дел да го голта „дивината“. Што работи комуналното претпријатие „Паркови и зеленило“ не знаеме, но гледаме дека многу малку, речиси воопшто, не се грижи за зеленилото. Парковите меѓу зградите нема кој да ги искоси.
Градоначалничката Данела Арсовска постојано менува директори на комуналните претпријатија. Некои си поднесуваат и оставки, како тој на „Паркови и зеленило“ минатата недела. Дури и општините малку се грижат да ги одржуваат зелените површини што се под нивна надлежност.
Тревата е толку порасната што прашање е како ќе влезат косилките во овие густиши.
За жал на скопјани, градот е оставен на милост и немилост. Изгледа дека нема кој да се грижи за него – ни за јавниот превоз, ни за чистотата, ни за зеленилото. Оние што треба да се грижат за неговото функционирање како да кренаа раце од него. И тоа многу брзо, 15 месеци откако победија на изборите.
Некој ќе рече таква им била кармата на скопјани, друг ќе дофрли дека погрешно заокружувале на гласачките ливчиња, трет ќе додаде дека градот го загубил чувството дека е град, па дури и престолнина. Како и да е, сликата е грда, многу грда.