„Мала Богородица подготвена“, се чека одлука кој колку ќе плати за лечењето

Од болницата „Систина“ известија дека поранешната болница „Мала Богородица“ е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар.

-Ве информираме дека по постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна  да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок.Во овој момент капацитетите може да се стават во функција, но за да се реализира оваа благородна иницијатива  на Министерството за здравство, остануваат неколку отворени прашања:

  1. Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар;
  2. Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОРСМ);
  3. Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите;
  4. Го очекуваме договорениот предлог на Министерството за здравство кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар;
  5. Финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка.

По исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот, стои во соопштението од „Систина“.