„Макстил“ годинава почнува со големи инвестициски проекти вредни 7,6 милиони евра


Компанијата „Макстил“ годинава планира значајна инвестициска активност во износ од над 7,6 милиони во проекти кои имаа за цел да ја зголема ефикасноста во работењето, и да обезбедат подобра работна средина.

Како што соопшти производителот на челични слабови и лимови, новите инвестиции надминуваат 10 отсто од капиталот на друштвото. Планот за набавка на основни средства и нови инвестициски проекти чија реализација ќе започне во 2024 година, бил одобрен седницата на Одборот на директори на „Макстил“ на 7 овој месец.

Во соопштението до Македонската берза од „Макстил“ посочуваат дека за таа цел е планиран вкупен буџет од 7.642.806 евра.

„Финалната вредност на набавените основни средства и инвестициски проекти ќе бидат презентирани во ревидираните финансиски извештаи на друштвото што ќе бидат реализирани во следните известувачки периоди“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека новите инвестиции во основни средства и инвестициски имаат за цел унапредување на ефикасноста на производствените процеси во компанијата, обезбедување на безбедна работна средина и заштита на здравјето на вработените, подобрување на условите за работа подобрување на квалитетот на производите.

„Отпочнувањето со реализацијата на секој од планираните проекти утврдени со оваа одлука ќе бидат предмет на дополнително одобрување од страна на Одборот на директори“, велат од „Макстил“.

Инаку, инвестициската активност доаѓа по период кога компанијата имаше вонредни расходи кон државата за солидарниот данок, што влијаеше значајно врз остварената добивка во првите девет месеци од минатата година.

Лани, во образложението кон постигнатите резултати на „Макстил“ за периодот јануари – септември 2023 година,  беше посочено дека добивката пред оданочување во извештајниот период е 69 милиони денари (околу 1,1 милиони евра) и е значително пониска од остварената во истиот период од 2022, додека нето добивката изнесува 56 милиони денари (околу 910,5 илјади евра), значително пониска од остварената во истиот период во минатата година.

„Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари (дури 4,17 милиони евра, заб), кој што беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата“, стоеше во образложението на „Макстил“.

Инаку, минатата 2023 година, „Макстил“ за заврши со добивка по оданочување од 6,55 милиони евра, додека една година претходно добивката на компанијата изнесуваше 17,5 милиони евра.