Макрон најверојатно вечер ќе соопшти кој ќе биде новиот премиер, пренесува телевизијата БФМ
Францускиот претседател Емануел Макрон вечер најверојатно ќе соопшти кој ќе биде новиот премиер на Франција, пренесува телевизијата БФМ.
Се очекува името на новиот премиер да биде објавено вечер најдоцна до 20 часот, но се уште не се знае дали Макрон ќе и се обрати на јавноста и ќе го образложи изборот.
Според француските медиуми, најголеми шанси да биде нов премиер во моментов има Гзавије Бертран од Републиканската партија. За назначувањето на идниот премиер Макрон разговараше со претседателот на Сенатот, Жерар Ларше, шефот на пратеничката група на републиканската десница Лоран Вокиер и шефот на републиканската група во Сенатот, Бруно Ретајо.
Поранешниот премиер Бернар Казнев и Тиери Боде беа наведени од медиумите како потенцијални кандидати за премиер. Под притисок на опозицијата што поскоро да назначи нов премиер, францускиот претседател во Елисејската палата се сретна со неговите претходници Франсоа Оланд и Никола Саркози, како и со Казнев.