Макрон е дел од проблемот, а не од решението

Ретко кој очекува лидерот што го создаде проблемот, Макрон, да биде тој што ќе го реши спорот на Бугарија и Македонија и ќе го тргне ветото


 

Откако ги доведоа до точка на неподносливост преговорите со Македонија и го натераа нашиот државен врв да крене раце, раскараните бугарски политичари сега „преговараат“ со Европската унија, во обид да обезбедат нивните недоквакани барања да станат дел од преговарачката рамка. Во тој контекст се и најавите дека претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков ќе одат заедно на средба со францускиот лидер Емануел Макрон, бидејќи тој се понудил да ги вклучи сите нивни услови во рамката за преговори, па и да им биде личен гарант.

Ова што го најави сега БГНЕС, освен средбата со Макрон што по сѐ изгледа нема ни да се случи, е спинувано од бугарските медиуми и претходно. Во Софија се толку „загрижени“ дали Бугарите навистина ќе станат дел од Уставот на Македонија, покрај бројните други заедници во него (никој нема ни да забележи една плус, ниту некој е против), што не можат да се решат дали зад тоа барање треба да застане целата ЕУ, дали е доволно моќна Урсула фон дер Лајен или треба сега лично да им гарантира како претседавач и францускиот лидер Макрон.

И ваквите барања доаѓаат откако не толку одамна премиерот Кирил Петков доби генијална идеја во преговарачката рамка да биде вклучен специјален механизам за следење на спроведувањето на договорот што би го постигнале со Македонија. И тоа откако Македонија со Бугарија потпиша два договора за добрососедство што Софија не ги почитува, бидејќи виде шанса да добие нешто повеќе.

Последна најава дека Софија сака само да диктира услови и дека не бара решенија, е денешната изјава на претседателот Румен Радев дека сега не му е доволно ни одлуката за Македонија да биде одобрена од бугарското Народно собрание, туку за неа требало да каже став и народот!  Преведено на политички јазик, тоа значи дека Радев повикува на референдум за спорот или, поверојатно, на нови избори, што според некои проценки му е целта, бидејќи е лут на премиерот Кирил Петков кого го донесе на власт, а тој не „го слуша“. Така што, многу поверојатно е  Бугарија да влезе во уште една патетична предизборна епизода отколку што Радев и Петков заедно да одат во Париз да бараат решение за Македонија.

Друга тема е што, и да се оствари тоа,  ретко кој очекува лидерот што го создаде проблемот, Макрон, да биде тој што ќе го реши спорот на Бугарија и Македонија и ќе го тргне ветото. Не само што во Македонија никој во тоа веќе не верува, не само што многумина кај нас мислат дека Франција всушност се крие зад ветото на Бугарија, не само што сите паметат дека Макрон од себични предизборни причини прв ни стави рампа за да добие на време додека се заборават ветувањата и славењата на Преспанскиот договор, дека измисли и нова методологија за да ја продолжи блокадата уште повеќе –  туку никој не знае во чиј интерес и за што се залага тој во моментов. Дали сака само да ја префрли одговорноста за нашите пропаднати преговори на некој друг, или всушност го спасува бугарското вето за Македонија, бидејќи во Софија нема ништо да добијат ако ние овде заклучиме дека евроинтеграцијата е мислена именка или, пак, дека ќе биде толку мачна и оптоварена со бугарски условувања, што е коцкање со политичката кариера да се влезе воопшто во таков процес.

Односно, ако продолжат вака неконтролирано да ги шират барањата и да ги цементираат условувањата во Софија, ниту Бугарите ќе влезат во устав, ниту расчистување со комунизам ќе видат, ниту ќе има заеднички славења. Доволна потврда за тоа е дека шефот на дипломатијата Бујар Османи пред овој самит на ЕУ сметаше дека е покорисно да оди во Украина, во Јапонија и во САД, наместо да преговара или да лобира за неславниот датум за преговори со Македонија. И не престојуваше ни во Брисел  кога се гласаше извештајот на ЕП со кој се бараше преговорите со Македонија веднаш да почнат.

За политичарите во Софија затоа ќе биде подобро да седнат и да размислат што можат да изгубат со ваквото однесување кон Македонија и колку може да им помогне Макрон, додека наголемо најавува некаква нова политичка заедница со тие што бараат членство во ЕУ. Да размислат колку тежат бугарските условувања без членството во Унијата како реална перспектива и колку таа изгледа реална кога Макрон е главниот лидер во ЕУ, кога тој ги наметнува тонот и агендата и кога најопипливото што ни го понудил досега е – уште еден самит за Западен Балкан на кој нема ништо да се решава.   

Малкумина во ЕУ го гледаат францускиот лидер како вистински кредибилен договорувач во европската политика – делумно затоа што францускиот систем ја фаворизира извршната власт над градењето консензус и компромисот во парламентот. Тоа значи дека француските претседатели честопати не се навикнати на пазарењето што доаѓа со коалициската политика во другите земји. Притоа, некои француски идеи се сметаат за контроверзни или дури за откачени во земјите од Централна и Источна Европа, како неодамнешниот предлог на Макрон за европска политичка заедница – идеја што некои ја гледаат како начин да ги задржи другите нации од регионот, како што се Украина и земјите од Западен Балкан, надвор од Унијата…

Патем, ова не е воопшто наша констатација, туку на денешен „Политико“.