Македонските војници помагаат во Турција


Македонски војници веќе два дена помагаат во спасување жртви на силниот земјотрес што погоди делови од Турција и Сирија.

„Македонските армиски припадници на теренот ја искажуваат својата одлучност и обученост професионално да ја извршат задачата и да го употребат целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и на секој можен начин да помогнат на граѓаните на сојузничка Турција.
Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки живот каде секој момент е драгоцен, даваат и службени кучиња од расата белгиски овчар и лабрадор, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди“, стои во објавата на Фејсбук.

Уште пред три дена Министерството за одбрана и Армијата испрати итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција.

„На предлог на Министерството за одбрана, Владата на вонредната седница донесе одлука да бидат испратени тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи и хуманитарна помош во пријателска Турција. 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање заминуваат во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес“, напиша Петровска на Фејсбук по вонредната владина седница.

-На пријател во неволја, секогаш ќе му помогнеме, напиша Петровска.

Владата одлучи да испрати помош од 100.000 евра, медицински лица и опрема за Турција.