Македонските пингпонгари стартуваат со мечевите на Европското првенство


Македонските пингпонгари ќе ги играат првите мечеви на поединечното Европско првенство, кое денеска почнува во главниот град на Словенија Љубљана. Македонски претставници се Амелиа Николов и Кристијан Станојковски.

Николов е во групата 22 (има 31 група) и ќе има два меча. Денеска македонската пингпонгарка за ривалка ја има Карин Грофова од Чешка, додека утре ќе игра против Ениса Садиковиќ од Луксембург. Во третото коло е слободна.

Кристијан Станојковски е во групата 27 (има 32 групи) и ќе игра три меча. Денеска прв противник му е Евгениј Тихонов, додека утре ќе игра против Шпанецот Даниел Берзоса. Во вторник на 13.октомври ривал му е Федерико Џиради од Сан Марино.

На шампионатот учествуваат 138 пингпонгари и 126 пингпонгарки од повеќе од 40 држави.