Македонскиот медицински канабис го напаѓа пазарот во ЕУ


Наскоро првите масла од медицински канабис произведени во Македонија ќе бидат достапни во Германија, а потоа и во Полска

„ФармаКан Полска“ (PharmaCann Polska) неодамна стана првата компанија што доби сертификат за ЕУ-добра производна пракса (EU-Good Manufacturing Practice – GMP) за производство на екстракти од медицински канабис во нејзиниот објект во Северна Македонија, според нејзиниот извршен директор, пишува Марихуана бизнис дејли (MJBizDaily) .

Тоа ја носи компанијата со седиште во Варшава – заедно со нејзините производствени капацитети во Северна Македонија – на чекор до можноста да ги понуди своите медицински екстракти од канабис во Германија и во другите земји на Европската унија.

Откако ќе бидат достапни, македонските производи, исто како и колумбиските, се очекува да извршат притисок на цените поради пониските трошоци за производство.

Иако извозот на цвет не е дозволен во Северна Македонија, не е потребен нов закон за извоз на екстракти, пишува овој специјализиран медиум.

Сертификатите за ГМП беа издадени во март од Главниот фармацевтски инспекторат на Полска, националниот орган одговорен за надзор над производството и продажбата на лекови.

Полските власти извршија увид во македонската подружница на ФармаКан, позната како NYSK, во декември 2019 година.

Златко Кесковски, извршен директор на ФармаКан и NYSK за Марихуана бизнис дејли изјави дека цертифицираниот објект работи во затворено, каде што компанијата ги одгледува растенијата и произведува екстракти.

„Кога ќе слушнам за цените на екстрактите од медицински канабис во Германија и другите европски земји, не ми се верува колку се скапи. Очекуваме нашите трошоци за производство да ни овозможат да бидеме многу конкурентни на пазарите во ЕУ “, изјавил Кесковски во телефонското интервју.

Запрашан од МЈБизДејли кога очекува да започне продажбата во Германија, Кесковски рекол дека првите македонски производи треба да им бидат достапни на пациентите следниот месец.

Извршниот директор на Фармакан Полска исто така објасни дека компанијата ќе продава на големо директно во аптеки користејќи сопствени средства за дистрибуција во Германија.

Полската компанија исто така ќе понуди услуги со бела ознака за други германски компании.

„Германските власти ја прифатија ГМП сертификацијата од Полскиот главен фармацевтски инспекторат“, потврди Кесковски за МЈБизДејли.

Кесковски очекува да започне со продажба на првите масла на полскиот пазар до ноември, каде што само неколку сорти цвет се регистрирани од канадските производители „Аурора канабис“ (Aurora Cannabis) и „Канопи гроут“ (Canopy Growth).

Македонската компанија веќе испратила мали количини на производи во Австралија, Бразил, Хрватска, Словенија, Јужна Африка и Велика Британија, рекол Кесковски.

Извршниот директор рекол дека овие продажби се екстракти со бела ознака или дестилати со голема моќност што овозможува другите компании да ги разредуваат и да создаваат свои брендирани производи.

До денес, македонските производители на канабис не можеа да извезуваат цвет, но тоа наскоро може да се промени, пишува МЈБизДејли.

ФармаКан се подготвува кога тоа ќе се случи, па компанијата финализира проект што вклучува поголем објект на друга локација во Северна Македонија. Кесковски очекува одгледувањето на новата локација да започне пред крајот на септември.

МЈБизДејли пишува дека се верува во Северна Македонија се издадени десетици лиценци за производство на канабис, но сепак многу се уште не се целосно оперативни и дека повеќето сакаат да профитираат од можноста за извоз на цвет.

Стив Малој, извршен директор на Фармароли, компанија со седиште во Холандија со оперативна подружница во Северна Македонија, очекува извозот на цвет наскоро да биде одобрен.

„Трпеливо чекавме на законот за извоз на цвет и очекуваме тој да помине во следните месец или два“, изјави Малој за МЈБизДејли.