Македонски ПЕН Центар по повод смртта на Богомил Ѓузел – Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт


Македонскиот ПЕН центар со длабоко жалење ја известува јавноста за заминувањето на Богомил Ѓузел, еден од најзначајните македонски и меѓународно ценети поети, луциден и виспрен ерудит, сeстрано љубопитен интелектуалец, есеист, прозен и драмски автор, антологичар и преведувач. Роден е на 19 јануари 1939 год, во Чачак, почина на 22 април 2021 год во Скопје. Дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје во 1963 год, а во меѓувреме извршувал повеќе значајни професионални задолженија, како: драматург во Драмскиот театар, библиограф во НУБ, програмски директор, а потем и директор на Струшките вечери на поезијата, член на Советот на СВП, секретар на македонскиот ПЕН центар, член и секретар на ДПМ.

Во периодот на бурните транзициски години, Ѓузел станува прв претседател (и еден од основачите) на Здружението на Независните писатели на Македонија (во 1994 год), коешто со своето дејствување го заживеа и збогати книжевниот амбиент во Македонија, а воедно беше и долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Наше писмо“(гласило на истоименото писателско здружение, кое ја обнови и негуваше плодната соработка со соодветните здруженија, долж регионот)

Творештвото на Ѓузел бележи повеќе од пет децении активност – почнувајќи од првата книга поезија „Медовина“, објавена во 1962 год, неговиот опус брои повеќе од 15 поетски збирки (заклучно, со книгата „Песочник“, објавена во 2008 год). Тука секако се вбројуваат и 3 избори од неговата поезија, во превод на англиски јазик, по еден избор, во превод на француски и словенечки јазик, односно, неколку избори, објавени на на српско-хрватски.

Освен тоа, Ѓузел е автор на 2 книги проза (раскази, патеписи), 6 драми, 2 книги есеи, 3 поетски антологии, како и редица извонредни преводи на делата од Шекспир (9 драми), поезијата на Т.С.Елиот, В.Хју Одн, Емили Дикинсон, Волт Витмен, Шејмас Хини, драмите на Бернард Шо, Харолд Пинтер, Сем Шепард, прозата на Луис Керол и Р. Киплинг и други.

Добитник е на низа угледни книжевни награди, меѓу кои и главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб, во 2002 година, како и наградата Босански стеќак, на Меѓународните Сараевски денови на поезијата, во 2018 година. Бил долгогодишен член на жири комисијата за доделување на угледната Његошева награда. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е избран на 4 јуни 2012.

Во есејот посветен на неговото поетско творештво, книжевната критичарка (од неодамна и потпретседателка на македонскиот ПЕН центар), Елизабета Шелева ќе го истакне следново:

„Богомил Ѓузел потекнува од Македонија, живееше во Македонија и пишуваше на македонски јазик, но неговото творештво не може да се сведе и да се ограничи исклучиво на македонскиот културен простор, бидејќи одамна (поточно, уште од самиот свој почеток) беше ги прескокнало националните јазични и книжевни граници, стоејќи рамо до рамо со тековите на европската и светската современа литература. Богомил Ѓузел е ценет и признаен кај нас, но, така е, можеби, уште повеќе во меѓународните поетски и академски кругови. Тој, по лична покана, имал настапи на повеќе угледни поетски манифестации во светот, меѓу кои спаѓа и фестивалот во Сан Франциско 1981 г, каде ги читал своите песни заедно со нобеловците Чеслав Милош и Исак Сингер, како и култниот фестивал во францускиот град Сет.

Во прилог на ова тврдење, ќе го споменеме и заклучокот на угледниот американски поет Чарлс Симик, во предговорот кон англиското издание на поезијата на Богомил Ѓузел, насловено „Волкот пред врата“:„Еве ситуација, која можела да произлезе од некој расказ на Хорхе Луис Борхес. Поет од светски ранг пишува на мал јазик, во мала земја, во прилично оддалечен дел од светот. Неговите песни се величествени, но никој не ги чита – а како би можел? Нема многумина преведувачи од македонски јазик, а издавачите, кои обично губат пари и со преводите на романи и песни од големите јазици, се претпазливи во врска со можноста да сторат нешто околу тоа, дури и тогаш, кога ја признаваат извонредноста на неговото дело“.

Ѓузел и’ припаѓа на тн. трета генерација автори од современата македонска литература, кои остварија блескави поетички исчекори и автентични дела, со кои непобитно се потврди фактот, дека македонската литература има (и може да понуди) свои достојни претставници и во поширокиот книжевен простор. Заедно со поетот Радован Павловски, тој е автор и на првиот поетски манифест во македонската литература „Епското на гласање“ – значаен, не само поради својата пионерска (историска) појава, туку и според својата концепциска зрелост, а првично беше објавен во новосадскиот часопис „Поља“.

Прометејството, еретичноста, бунтот, непокорот – се неизоставни поетски теми, ставови, позиции, кога станува збор за поет како Богомил Ѓузел – чијашто поетика, уште на почетоците, ќе биде именувана како поетика на спротивставувањето,

од страна на неговиот генерациски сопатник, поетот и критичар Влада Урошевиќ. За него, не само како за автор, но и за неговиот личен, животен став, е неприкосновено и витално значењето на пркосот, непокорноста, резистентноста, „исконското Не“, оти „секој е врзан како Прометеј за карпата – постоење“. Човештвото како целина со векови го носи врз себе мрачниот товар на прародителскиот грев „макар родени по грешка/гревот изговорен останува наш вистински татко“.

Мотивот на пра-родителскиот грев е индикативен и трајно проникнат во поезијата на Ѓузел, каде се врзува за повеќе различни контексти, од кои библискиот е секако појдовниот и најуниверзалниот, но не и единствен. Во македонската поезија, тој ќе остане запаметен по сосема уникатниот пример, и во неговата семејна историја автентично да се преплетуваат (а тој како поет и во делата да ги тематизира) најтрагичните елементи од овој исконски мотив.

Комплексот на наследната вина, проклетството на потеклото или потеклото како проклетство самото по себе, но и потрагата по своите корени, по Домот (со големо д) – остануваат суштински показатели за поетскиот светоглед на Ѓузел. Поезијата за него не е идилична дејност, која се изведува, удобно завален „во скутовите“ на куќата, татко-Вината, историјата. Напротив, поезијата е мачна духовна преобразба, себе-соголување до голото (рентгенско) дно, до она што биолозите со огромен респект денес го нарекуваат ДНК (базичен генетески запис) – кога драмата само на Еден човек, воедно станува драма на сето човештво (како што отсекогаш и било).

Во песните на Ѓузел генерално гледано е воочлив еден фундаметален парадокс на припадноста и отпадништвото: многу често, самото име (идентитет) е доживотна стигма „сопственички жиг“ на делегираната вина (на претците), клаустрофобично доживување на малиот простор (собата, куќата, татковината), априорно прогонство, чувство на неизлечлива отуѓеност во сопствениот дом, јазик, свет.

Да се биде „свој сопствен имот, проточен капитал“ и да се прогласиш себеси за „камен отфрлен од градителите и сирак на вдовицата – првобитна материја“ – тоа го може само еден, по природа, нескротлив дух и ахасферски поет/скитник низ вековите и културите, каков што е Ѓузел, од своето мало историско-поетско ќоше директно загледан во ракописот на космичките „соопштенија“.

Во првата (не само хронолошка, ами и типолошка) фаза од неговото творештво, преовладува номадскиот принцип, креативното и, не помалку, спасоносно талкање низ коридорите, патиштата, пустините на различните култури, географски, како и

духовни простори и низ различните времиња (исконските, митолошки прапочетоци на постоењето, како и бесмртните проблесоци на големите антички цивилизации). Тоа е првичната, космополитска фаза на длабење низ палимпсестот, слоевитоста на македонската и европската духовна традиција, кога поезијата е медитативна и затоа „мнемотехничка уметност“, но исто толку и номадска сојузничка, пустинска љубовница, ерективен непокор пред застоеноста/зачмаеноста/седентарноста.

Заедно со тоа, како неодминливи и провокативно срочени мотиви во поезијата на Ѓузел се среќаваат Домот, (не)вдоменоста, здомувањето, кои се појавуваат секојпат во различни, неочекувани, потресни контексти: лично-исповедни, универзално – цивилизациски, локално –епохални, па се’ до автопоетички и, затоа, првенствено фигуративни. Насловот на една од неговите песни се покажувува воедно како авто-поетичко мото на самиот автор и како негова интимна, егзистенцијална шифра: „ отуѓен дома, задомен во туѓина“.

Не е мал бројот на песните во кои Ѓузел ги презентира своите авто-поетички рефлексии и преокупаци – тематизирајќи го самиот настанок или раѓањето на песната; дилемите околу тоа каков и кој би требал да биде нејзиниот оптимален израз/реторика/стил; конечно, кои/какви треба да бидат нејзините исходишни точки и појдовни пунктови. Некојпат, во самите наслови на поетските збирки експлицитно може да се прочитаат самите програмски елементи или слоганите на темелно дефинираната поетова „програма“ : „Стварноста е се’“; „Опстанок“; „Гол живот“; „Мрак и млеко“. Гледано од оваа перспектива, се чини, дека составните делови на неговата авто-поетика постапно како да ги испишувала токму неговата лична етика, не помалку самата негова и тоа како трнлива, но достоинствена (лична и семејна) егзистенција.

„Мојот совет е рибарете по стварноста/што може да се откачи од јадица/што сега гувее во водена самица“, вели тој, во една од таквите програмски песни, кои откриваат дека Ѓузел најмалку припаѓа на групата поети – ескаписти, особено, ако се потсетиме и на неговата програмска, по малку парадоксална молитва, директно упатена до стварноста како кон (анти)божество: „о, стварност моја, не напуштај ме…мој посран дел од Балканот, моја љубов…доме пригушуван и ослушкуван“.

Реторички „пис“ на јазикот, и овојпат Ѓузел ја подвлекува сопствената будност и нерамнодушност кон епохалното Зло, кое душка околу нас, неговите современици, употребувајќи при тоа еден луциден инвентивен збор, кованката „волко- јабана“ – за

да го именува духот на нашето време како јабанџиско, туѓинско, попрво волчјо, одошто човечко според својот лик и облик.

Богомил Ѓузел е автор, чиишто стихови остануваат длабоко загледани во отровниот коктел на минатото, сегашноста и иднината, будејќи до некаде темно, но темелно задоволство кај читателите; но и автор, чијашто моќна и слоевита поезија, проникната со раскошна ерудиција, на убедливи автентичен начин, ја инаугурираше поетиката на пост-модернизмот и интертекстуалноста, во рамките на македонската книжевна сцена.