Македонски компании ќе тргуваат со казахстански бизнисмени


Претставници на дваесет македонски и триесет казахстански компании учествуваа на Првиот бизнис форум во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Казахстан и компанијата „Матрона Конс“.

На форумот имаше и претставници од министерствата за надворешни работи и за економија на двете земји, од дел од стопанските комори, како и претставници од земјоделскиот сектор, фармацевтските производи, производството на електрична енергија, инфраструктурата, франшизата, нафтата и гасот, дистрибуцијата (увоз/извоз на производи) и туризмот.

Целта беше размена на искуства и идеи за да се обезбедат деловни услови кои ќе ги доведат двете земји и нивните претпријатија на повисоко ниво на соработка.

Бизнис форумот беше специјално дизајниран со Б2Б-средби за да обезбеди ефективни информации за правните субјекти за можностите за соработка и воспоставување врски меѓу компаниите, како и меѓу претставниците на јавната администрација и претпријатијата. Компаниите имаа можност да одржат деловни состаноци со потенцијални партнери од Казахстан и да поразговараат за потенцијални соработки во иднина.

– Имаме можност да им понудиме на казахстанските бизниси да почнат со производство во која било област во Северна Македонија. Ако сакаат да бидат претставени на европскиот пазар, тогаш Северна Македонија е вистинското место. Овој форум е значаен чекор во продлабочувањето на секоја заемно корисна соработка која им служи на главните интереси на двете страни, а заедничка непоколеблива цел ќе биде насочување на немилосрдните напори и заложби за нов, позначаен напредок во односите меѓу двете земји, воспоставување принципи, насоки и рамки за дејствување. Цврстата договорна рамка, одличното меѓусебно разбирање и заедничките интереси се почетна точка за сериозно проучување на потенцијалот за градење пошироки економски партнерства и продлабочување на практичната соработка, изјави амбасадорот Сали Лимани.

Според Тања Евросимовска, основач на „Матрона Конс“, во мала пазарна економија како нашата, меѓународната трговија е многу значајна.

-Нашата држава има корист од зголемување на БДП, прилив на капитал, зголемување на вработеноста, додека компаниите имаат можност за поголема продажба, зголемена стабилност и продуктивност, подобрена конкурентност и иновации. Имаме квалитетни домашни компании со одлични производи и услуги. Процесот на интернационализација е сложен и бара многу вештини и експертиза. Ваквите форуми се исклучително ефикасни во наоѓање на партнери, нови дистрибутери на нови пазари. Затоа ни претставува чест и предизвик да ги поддржиме компаниите и да учествуваме во организација на овој бизнис форум, рече Евросимовска.

Акцискиот план 2021-2023 за економска соработка, потпишан меѓу министерот на надворешни работи Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тилеуберди, се остварува на дело, рече директорот на Директоратот за економска и јавна дипломатија во МНР, амбадасорот Игор Попов.

Во oктомври се очекува да се одржи Првата сесија на мешовитата комисија за трговска и економска соработка на која копредседатели се министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за национална економија на Казахстан, Алибек Куантиров, на која ќе се потпишат неколку меморандуми.

-Имајќи ги предвид последните настани со енергетската криза во светот, поконкретно во Европа и Балканот се барат атлернативни можности. Со оглед на фактот што Казахстан е еден од најголемите производители и дистрибутер на енергетски ресурси, гледаме голем потенцијал за соработка и се надеваме дека ќе постигнеме значаен напредок во нашата соработка, изјави директорот на Национални eнергетски rесурси (НЕР) Бајрам Реџепи.