Македонски камионџија надминал три дена во Шенген зоната, казнет е со 150 евра и мора да ја напушти Германија


Македонски камионџија заработил казна од 150 евра и морал доброволно да ја напушти Германија со авион за да избегне дополнителни мерки, поради тоа што три дена го пречекорил престојот во Шенген зоната, известија преку Фејсбук од Асоцијацијата на транспортерите „Макам транс“.

Од таму ги советуваат превозниците да внимаваат и да ги проверуваат деновите за престој на возачите во Шенген зоната, и доколку при имаат повеќе од 90 дена или мал број денови за да ја завршат превозната операција советуваат да не одат на пат.

„Денес на пристаништето Росток – Германија контролиран е македонски возач кај кој е утврдено надминување на 3 дена од дозволените 90 во 180. За истото изречена им е парична казна од 150 евра и побарано е потврдна резервација за авион со кој доброволно ќе ја напушти Германија, а возилото кое е товарено ќе се предаде на друг возач од истото превозно трговско друштво да ја продолжи превозната операција. При напуштање на Германија на возачот ќе му биде издаден документ на кој ќе е наведено кога повторно ќе му биде дозволен влез во Шенген зоната“, се вели во објавата.

Од „Макам транс“ посочуваат дека и превозници од земјите во регионот се соочуваат со истиот проблем и дека од нив дознаваат дека според сега важечките прописи за престој, доколку по втор пат при контрола се фати истиот возач за надминување на деновите, можно е изрекување на забрана од 5 години за влез во Шенген зоната.
„Согласно искуството од регионот се препорачува избегнување на пристаништето Росток и Салзбург како места на кои најчесто се врши контрола“, велат од „Макам транс“.

Инаку, денес се одржува состанок на работната група во Европска комисија во врска со донесување конкретни решенија во врска со шенген правилата за продолжен престој на професионалните возачи 90 во 180 дена.
„По одржување на состанокот ќе имаме подетални информации во однос на кој начин ќе се регулира продолжениот престој на професионалните возачи во Шенген зоната“, велат од Асоцијацијата на превозниците.