Македонската заедница од Италија со комеморација за жртвите од Кочани и уште една хуманитарна акција


Македонската заедница во Пиемонте, Италија, кои во изминатава година веќе собрале 40.000 евра за донации за жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја одбележаа годишнината од смртта на 63 млади луѓе.

„Во неделата вечер организиравме мала, но многу значајна комеморација, на која оддадовме почит на жртвите и покажавме дека тие не се заборавени. Во рамки на комеморацијата прочитавме и говор кој длабоко нè допре, преку кој се потсетивме на сите иницијативи организирани од нас, но и од заедницата во Македонија, во чест на нивните најблиски. На самиот крај од настанот, симболично пуштивме балони во небото, додека во позадина се слушаше песна од групата ДНК, “ако утре ме нема”, која за жал стана симбол на оваа трагедија“, велат од заедницата.

Во текот на изминатата година, организирале и хуманитарна акција, благодарение на која успеале да соберат 40.000 евра, средства искористени за набавка на специјални медицински одела кои им помагаат на повредените побрзо и поефикасно да закрепнат од изгорениците.

„По повод годишнината, повторно отворивме нова хуманитарна акција која ќе трае до Велигден, со цел да продолжиме да им помагаме на повредените. Дополнително, во наредниот период планираме да организираме и хуманитарен фудбалски турнир, со кој сакаме да собереме дополнителни средства и да ја подигнеме свеста за оваа трагедија“, велат Македонците од Италија.