Македонската влада се обидува да го заобиколи европскиот консезус, тврди бугарската министерка Нејнски


Надежда Нејнски

 

Се прават разни обиди од страна на сегашната влада во Македонија да го заобиколи европскиот консензус, да започне повторно преговарање, изјави службената министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, денеска во разговорот за Бугарската национална телевизија (БНТ). Според неа, сите овие обиди биле насочени кон македонските граѓани затоа се губело нивното време „со вакви политички игри, наместо да се почитува она што веќе е договорено“.

Нејнски нагласи дека не се точни наводите од македонските власти дека Бугарија ги зголемува своите барања: „Тврдат дека Бугарија постојано ги ескалира своите барања. Такво нешто не постои. И сите добронамерни набљудувачи го знаат ова. Бугарија едноставно сака да ги заштити луѓето што имаат бугарски идентитет, сака да биде сигурна дека има сосед со кого може да има нормални политички, економски и културни односи“. И додаде: „Конструктивната позиција на Бугарија е диктирана од фактот дека ова сега е европско прашање, а не билатерално прашање“.

Таа нагласи дека односите со Македонија е едно од ретките политички досиеја за кое постои консензус во Бугарија. „Ова не е билатерално прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ова е веќе прашање меѓу Северна Македонија, која сака да започне членство во Европската унија, и самата Европска унија. Нормално е земја-кандидат да се придржува кон овој европски консензус, кој вклучува прекин на говорот на омраза и вклучување на бугарското малцинство, заедно со другите малцинства во Уставот на Северна Македонија“, рече Нејнски.