Македонија во ОН гласала во интерес на Москва


Македонската надворешна политика го менува стратешкиот курс. Во Советот  за човекови права на ОН го напушти друштвото на демократиите и им се приклучи на државите со авторитарни тенденции кои ги поддржуваат ставовите на Москва, пишува Либертас. Македонија заедно со Унгарија, Србија и Словачка не ја поддржа Декларацијата во Советот за човекови права на ООН со која се повикува Грузија да го укине својот закон за „странски агенти“, предупредувајќи дека ги задушува медиумите и граѓанското општество, претставувајќи сериозна закана за човековите права и демократијата.

На 56-тата седница на Советот за човекови права на ОН во Женева, 36 земји ја повикаа грузиската влада да го укине законот за „странски агенти“ донесен во средината на мај кој покрена масовни протести во земјата. Оваа декларација беше иницирана од постојаната мисија на Литванија во Женева.Во соопштението се нагласува дека, од перспектива на западните држави, овој закон е насочен кон сузбивање на независните медиуми и граѓанското општество во Грузија. Исто така, се истакнува дека законот претставува сериозна закана за човековите права и владеењето на правото.

Декларацијата ја потпишаа Албанија, Австрија, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка република, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Монако, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија,Украина, Обединето Кралство, Соединетите Американски Држави.

Македонија во изминатите години секогаш дејствуваше во тесна координација со овие демократрски држаави наспроти блокот на хибридните автократски држави како што е Унгарија, Србија и Словачка.