Македонија во американската енергетска орбита


Активирањето на продуктоводот Солун – Скопје за пренос на дизел-гориво, поврзувањето со гасоводот во Грција и влегувањето во проектот Александрополис за терминал за течен гас ќе ја стават Македонија на енергетската регионална мапа 

Мирче Јовановски

До само пред неколку месеци информацијата би изгледала прилично утопистичка – Македонија да биде регионален енергетски центар од каде што ќе се дистрибуираат гас и нафтени деривати во околните држави. Но по посета на помошникот-државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Франсис Фанон, работите се чинат прилично оптимистички.

„Имате јасни чекори каде ќе ја градите Северна Македонија како регионален актер и САД се тука со вас во сето ова“, порача Фанон по средбата со премиерот Зоран Заев, која е продолжение на состаноците во Солун на кои присуствуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Во основа, станува збор за три проекти кои целосно можат да ја трансформираат енергетската слика во земјава – реактивирање на продуктоводот за нафта од Солун до „Окта“ во Миладиновци крај Скопје, изградбата на интерконекторот за гас во Грција, преку кој Македонија ќе се снабдува со овој енергенс и од други извори, а не само како сега од Русија преку гасоводот од Бугарија, како и вклучување на нашата земја во проектот за изградба на терминал за течен гас што се гради кај Александрополис во Грција.

Со пораките што ги упатија деновиве државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој покрај Грција, ја посети и Хрватска (каде што исто така се гради терминал за течен гас), и на неговиот помошник за енергетика Фанон, јасно е дека Македонија стана дел од енергетската орбита на Америка и нејзината политика за целиот регион. Во таа насока е и пораката на Фанон, дека „ако имате само еден извор тогаш тоа не е пазар, туку зависност“.

Најновата американска иницијатива веројатно ќе придонесе да се разрешат некои отворени прашања кои се клучот за македонските амбиции да се интегрира во регионалниот енергетски пазар и од периферија да стане центар за дистрибуција. Во средиштето на проблемот, како што брифираат познавачи од енергетскиот сектор, се чини е спорот кој „Хеленик петролеум“ го покрена пред арбитражата во Париз, со кој оваа компанија, која е сопственик на „Окта“, по втор пат побарува од Македонија значаен износ на пари.

Во интервју за порталот Greeceinvestorguide во февруари годинава генералниот директор за стратешко планирање на групата и нови активности и извршен член на Управниот одбор на компанијата, Џорџ Алексопулос, изјави дека групацијата „Хеленик петролеум“ покрена арбитражна постапка против владата на Северна Македонија во Меѓународната трговска комора (МКС), барајќи штета од 32,6 милиони американски долари „како резултат на неапсорпција на минималните договорени количини мазут за периодот од 2008 до 2011 година“. Тој додаде дека се назначени членови на Арбитражниот трибунал и процесот е во тек.

„Нотирам дека прибегнавме кон меѓународна арбитража од истата причина во 2004 година и победивме. Паралелно со арбитражниот процес, ние сме во дискусија со владата на Северна Македонија со цел да се најде спогодбено решение за спорот. Во врска со работата на продуктоводот Солун-Скопје, ние исто така сме во контакт со владата на Северна Македонија и очекуваме да можеме да го рестартираме наскоро“, изјави Алексопулос.

Овој продуктовод е надвор од функција уште од 2013 година кога „Окта“ престана да работи како рафинерија. До тогаш низ него се транспортираше сурова нафта која потоа се преработуваше во нафтени деривати. Откако рафинеријата престана со производство и компанијата се трансформираше во класичен трговец со нафтени деривати, беа преземени активности за чистење на цевките од наталожените соединенија со цел да се оспособи за транспорт на дизел гориво.

Меѓутоа, спорот пред арбитражата ги искомплицира работите, на македонската страна не брза да ги даде потребните одобренија за работа на овој продуктовод во кој учество од 20 отсто има и Македонија. Овој спор е уште една потврда за штетниот договор кој своевремено беше склучен за продажба на „Окта“.

Како што велат соговорници од енергетскиот сектор, тука во игра се и други интереси – како на пример влијанието врз транспортерите кои сигурно ќе изгубат значаен дел од работата откако продуктоводот ќе биде ставен во функција.

Инаку, инвестицијата за овој нафтовод изнесуваше 110 милиони долари, се протега во должина од 213,5 километри, од кои 60 километри на територијата на Грција и 143,5 километри на македонска страна. Капацитетот на нафтоводот е 360 мери кубни на часи носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно.

И од Стопанската комора на Македонија повеќепати укажуваа на потребата на ставање во функција на овој инфраструктурен капацитет со оглед на тоа што на неделно ниво во Македонија се троши 8-10 илјади тони дизел, за што се потребни 600-700 камиони за да се увезат овие количини. Во услови на отежнато одвивање на транспортот преку патната инфраструктура потребно е што поитно да биде реактивиран нафтоводот, заради обезбедување на непречено снабдување со нафтени деривати и намалување на трошоците, порачуваат од комората.

„Претстојат преговори со ‘Хеленик петролеум’ и се надевам ќе изнајдеме пријателско решение за овој капацитет да биде ставен во функција брзо“, изјави во петокот премиерот Заев, по средбата со Фанон. Тој додаде дека „Окта“ практично би станала хабцентар и освен домашниот би се снабдувале и пазарите на другите земји од регионот.

Како што велат соговорници од енергетскиот сектор, изградбата на гасната инфраструктура од македонска страна која би се поврзала со интерконекторот во Грција е во напредната фаза. Премиерот Заев соопшти дека изградбата на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција чини 54,4 милиони евра, од кои 13 милиони се грант од ЕУ, достапни преку Берлински процес, што опфаќа проектирање, изведба надзор, инспекциското тело и менаџментот.

Во целиот овој енергетски „пакет“ е и намерата на Македонија да стане дел од терминалот за течен гас (ЛНГ) што го развива грчката компанија „Гастраде“ во близина на крајбрежниот град Александрополис и во кој учество има и Бугарија.

Терминалот за ЛНГ во Александрополис се очекува да почне со работа на почетокот на 2023 година и ќе содржи пловечка единица за складирање на приеми и прегасификација на ЛНГ, што ќе биде нов, независен портал за енергија за пазарите на Југоисточна и Централна Европа.

Како што потенцира Заев, овие проекти на нашата земја ќе ѝ обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени што е во согласност со долгорочната енергетска стратегија на земјата.

„Ова поврзување со Грција со поддршка од САД и ЕУ ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од ЈИЕ за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси. Сето ова ја прави разликата што ја направивме за овие три години. Од земја што беше ставена на последниот, изолиран и маргинален енергетскиот колосек и која беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, сега е интегрирана во енергетските проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување“, рече премиерот.

Се разбира, тука се и американските интереси – за извоз на течен гас – како што се пофали Фанон. САД почнаа да извезуваат гас од 2016 година и по три години станаа трет најголем извозник на течен гас, а нивните намери се да бидат и први. Според Фанон, Северна Македонија е важна во однос на географијата како регионален центар за рафинирани производи, увоз на такви производи, дистрибутивна мрежа, што значи поголема отпорност и во однос на гасот.

„Меѓутоа, потребна е политичка волја за ваквата визија да стане стварност и ние сакаме да го поддржиме тоа и да ги поттикнеме американските инвестиции овде“ рече Фанон.

Ваквите заложби на планот на енергетиката не се еднострани, односно не се само на САД, туку и на ЕУ. Така, Европската комисија предложи финансиски инструмент наречен „Следна генерација ЕУ“ (Next Generation EU) во вредност од 750 милијарди евра, што ќе овозможи мобилизирање на приватни инвестиции во енергетскиот сектор, како што беше посочено во петокот на состанокот на Иницијативата за поврзување на гасните системи од Централна и Југоисточна Европа (ЦЕСЕЦ). Се наведува дека инвестирањето во енергетскиот сектор според Европскиот зелен план за постигнување на неутралност на климата до 2050 година, може значително да придонесе за закрепнување и да отвори можности за раст и вработување. ЦЕСЕЦ работи на забрзување на интеграцијата на пазарите на гас и електрична енергија во централна источна и југоисточна Европа. Работната група на ЦЕСЕЦ беше формирана од Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Романија, Словачка и Словенија и ЕУ во февруари 2015 година. Ним подоцна им се придружија уште осум земји од Енергетската заедница (организација што ги обединува ЕУ и нејзините соседи за да создадат интегриран паневропски пазар на енергија): Украина, Молдавија, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Сето ова, заедно со други процеси кои што се во тек – како отворањето во Белград на регионална канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација ДФЦ на САД, го отвораат патот за американски инвестиции.