Македонија од очај во очај. Пет меча нема постигнато гол. Вечерва прими три од Швајцарија
Објективно, Швајцарија е далеку посилна од фудбалската репрезентација на Македонија. Но македонските фудбалери од меч во меч со новиот селектор Гоце Седлоски покажуваат анемична, дури и очајна игра. Тие не можат да постигнат гол веќе пет мечеви по ред. Уште пострашно, фудбалерите не ни создаваат шанси за гол.
Вечерва на арената „Тодор Проевски“ од првиот момент се знаеше дека Швајцарија ќе победи, само не се знаеше резултатот. На крајот беше 3:0. Можеше да биде уште повеќе.
Репрезентацијата нема игра, има некакво залагање, навидум има трчање, но тоа како да оди во празно. Фудбалерите во сите стартови доцнат, малку знаат со топката, не се ни физички ни технички подготвени. Публиката 10-15 минути пред крајот веќе почна да го напушта стадионот. Не сакаше да го гледа мачењето на фудбалерите, а и навивачите да се мачат гледајќи ги нив.
По натпреварот Седлоски призна дека неговите фудбалери биле инфериорни, но како да е во политиката, рече дека „подобра селекција од Швајцарија не гостувала во Скопје“. Ни Шпанија, ни Англија, ни Италија… кои беа во Скопје. Да не набројуваме.
„Ние треба многу да учиме. Сакаме нешто да подмладиме со репрезентацијата, тоа ќе го правам полека. Точно е дека не шутнавме на гол. Тие се светска сила имаат добри играчи на секој дел од теренот. Подобра селекција не гостувала во Скопје. Швајцарија беше предоминантна, на секој дел од теренот ги доби сите дуели, но ние примивме голови како што не требаше да примиме. Мора да покажеме карактер, од некои играчи денеска тоа не го видов“, рече Седлоски по мечот.
Следниот меч Македонија ќе го има на гости на 29 септември во Љубљана против Словенија.