Македонија ќе се справи со корупцијата или ќе дојде до точка – од која нема враќање

Според Миша Поповиќ до 2030 година може да се соочиме со милитаризирање на организираниот криминал, коруптивно влијание врз медиумите и носење на коруптивни одлуки на политичко ниво.


Со што може да се соочи Македонија до 2030 година од аспект на корупцијата, беше темата за која Институтот за демократија денес организираше дебата која се претвори во јавен крик, бидејќи работите не се менуваат а прогнозата беше дека ако не и се застане наскоро на пат, следното ниво е нејзино озаконување, т.е. носење коруптивни одлуки на политичко ниво со кои ќе се спречи нејзиното казнување. Според Миша Поповиќ, истражувач, во институтот, ако не се успее во реформите правосудството  во 2030 година ќе биде и натаму слуга на политичките и криминални интереси.

-Човечкиот капитал е главен фактор во борбата против корупцијата, а тој се троши поради миграцијата. Во еден момент може да дојдеме  до точка од која нема враќање, кога ќе нема квалитетни луѓе во јавниот сектор што ќе се борат со неа, предупреди тој и го посочи како приоритет градењето интегритет кај вработените. Притоа тој посочи нови ризици, меѓу кои можности за се поголемо даночно затајување и шверц со отворањето на економијата, можност од милитаризација на организираниот криминал поради војната во Украина која ќе го направи полесно купувањето оружје,  се повеќе коруптивно влијание врз медиумите и озаконување на корупцијата.

– Се очекува ризик од трговија со оружје, што е отежителна околност во борбата против корупција, отсуство на развој, миграции, а тоа значи помалку луѓе во борбата против корупција, помалку поддржувачи. Сето ова  можеме да го размислиме за 2030 година и треба да се подготвуваме уште отсега, додаде тој.

Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се согласи дека е клучен човечкиот фактор, но дека без оглед која политичка партија била на власт, не видела развој на свеста околу овој проблем. Таа рече дека има огромно политичко влијание и мешање на политиката таму каде што треба да владее професионалноста и дека тоа станува се поголемо, при што сите сме сведоци дека непотизмот, кронизмот и  клиентелизам не запираат, па и наменски се менуваат правилата  за да се примат свои луѓе во администрацијата. Според неа, се додека нема политичка волја, а нема во моментов, државата ќе тоне, па направи паралела со Турција каде што природата испораќа сметка за лошото и незаконско градење. Како може во правна држава да се легализираат бесправно изградени објекти, посочи таа, заклучувајќи дека само ако има политичка волја  да се отвори простор  за професионализмот, државата ќе тргне напред.

И главниот државен ревизор Максим Ацевски беше резигниран од тоа како институциите што се надлежни за тоа не реагираат на укажувањата и наодите за корупција во нивните вкупно 1.100 извештаи за разни засегнати страни.

-Македонија воопшто нема акредитирана лабараторија за испитување на составот на минералите што се експлоатираат кај нас, посочи тој  прашувајќи – колку време ни треба да се обезбеди и нели е тоа одолговлекување заради корупција? Тој посочи дека во вакви услови можно е да се експлоатира злато или сребро, а да се регистрира официјално експлоатација на бакар  и пари да се одлеваат од државата, јасно сугерирајќи дека некому тоа му одговара.

Тој ги спореше и барањата за формирање некаква нова институцвија за справување со корупција кога укажувањата на постојните не се процесуираат, па праша – сте ги прочитале ли ревизорските извештаи, што ќе решите со нови институции?

Тој беше резигниран и од новинарските извештаи околу падот на системот во ФЗО, бидејќи според него не се отворило вистинското прашање – зошто од 2011 година оваа институција од големо значеење има само два ИТ инжењери, а во планот за идни вработувања не се предвидува ниту еден. Тој го нарече популизам  ограничувањето на платите за квалитетните и неопходни кадри  со порака дека мора да се чува човечкиот капитал во администрацијата бидејќи нов тешко се создава. Претседателката на Инспекцискиот совет   Даниела Рендевска се надоврза со информацијата дека над 40 отсто од инспекторите се на возраст над 50 години, а им се случува редовно на една седница да дадат лиценца за нов инспектор а на следната – тој да си даде оставка и да замине од државата.

На прашањето дали може да се очекува роднини на функционери, судии и обвинители да се борат со криминалот и корупцијата, Миша Поповиќ рече дека сепак, под одреден притисок и под засилена внатрешна контрола може да се развијат внатрешни механизми што ќе спречат судир на интерес и отстранување на блиски лица во истраги за политичарите. Ивановска,пак, рече дека ДКСК не може да ги истражува завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители, за кои медиумите објавија дека се во блиски роднински врски со високи функционери, обвинители, судии, бидејќи, тоа е затворен систем и тие веќе положиле тестови.

-Прашањето е што се случило тогаш, како е пробиен тестот, слушнавме такви гласини, кои потоа не беа демантирани. Од наш аспект, останува како превентива да се внимава на распределбата на овие обвинители и судии, во кои судови и обвинителства ќе се распределат, да не бидат во близина на свои блиски лица, со цел колку толку да се намали влијанието. Од друга страна потребно е Судскиот совет и Советот за јавни обвинители да ги зајакнат своите надзори и контроли коишто опфаќаат и квалитативно и квантитативно оценување, кое што би им било основа понатаму да ја оценуваат работата на овие кадри, изјави Ивановска.

Според неа, тие сега ќе ќе бидат под голема лупа на јавноста и треба навистина да се докажат со својот квалитет.

– И уште еднаш ќе речам – да се внимава каква ќе биде нивната распределба. И конечно, секогаш апелирам политиката да си ги трга рацете од професионалноста. Тоа е единствениот излез којшто може да ја спаси оваа држава, додаде Ивановска.

Во однос на проверката на имотната состојба на функционерите таа одговори дека континуирано се прави согласно законот.

– Речиси секоја година има дел од судии коишто се дел од планот што го работиме. Една година беа само судии и тоа претседатели на судови за коишто утврдивме определени неправилности, а за три од нив утврдивме и несразмерно зголемување на имотот, по што тие предмети се предадени во надлежни институции. Според мене, клучно за борба против корупција е донесување на законот за потекло на имот, со којшто ќе бидат опфатени сите граѓани бидејќи носителите на јавни функции не го прават тоа сами, туку во спрега со некои други свои блиски лица коишто не мора да се на јавна функција и факт е дека не можеме да кажеме дека она што го прикажуваат во анкетните листови секогаш е реално, рече претседателката на ДКСК.

Таа исто така информираше дека во тест фаза е софтверското решение за електронско поднесување на анкетните листови и смета дека најмногу за еден месец ќе биде во употреба. Додаде дека овој софтвер ќе овозможи во реално време да се споредуваат податоците прикажани во анкетниот лист со евиденцијата на соодветните институции. (С.Ј.)