Македонија ќе прифати идентитет од 1945 или нема ЕУ, порачуваат од Софија
Под наслов „Скопје е загрижено поради ‘замрзнатиот конфликт’“, бугарски „Медијапул“ реагира на изјавите дадени во нашата држава околу спорот со Софија. Акцискиот план, кој според Османи е дефиниран 99 отсто, според медиумот, нема да ја смени позиција на Бугарија да не ја поддржи преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ. Со планот се очекува да се ветат заеднички активности на Коридорот 8 и засилена соработка во образованието, енергијата, културата, економијата, медиумите, информатичкото општество итн.
„Чувствителните прашања во врска со историјата, јазичната формулација и малцинствата остануваат на масата“, оценува медиумот, според кој досега бугарската влада не дала детален коментар за Акцискиот план што се подготвува, но јасно става до знаење дека се залага за потпишување на нов документ место „нефункционалниот Договор за добрососедство“, што пак одбива Македонија.
Околу овие информации „Медијапул“ пренесува коментар на членот на историската комисија Кирил Топалов, кој тврди дека Македонија се обидува да го заобиколи на разни начини Договорот од 2017 година. Тој посочи дека Бугарија секогаш ја гледала Северна Македонија како „роднина по крв“, додека од таа страна ја гледаат „со жестоко непријателство“.
„Бугарија го признава идентитетот на Македонците, тој е од 1944 година, но проблемот е што тие ја фалсификуваат историјата“, оценил Топалов. Според него, доколку Македонците сакаат да разговараат со Бугарите на корисен и значаен начин, тие прво мора да го го преиспитаат неточниот поглед на историјата.
„Може ли дел од бугарското население, од кое дел се бегалци од Македонија, да прифати дека нивните прадедовци и дедовци биле небугари и зборувале небугарски јазик. Тоа е апсурдно! Сè што беа замолени да сторат е да ги признаат нивните историски корени, оттогаш нивниот пат е отворен“, порача Топалов од историската комисија.
Според негова оценка, непризнавањето на историските корени дава основа за злобна антибугарска пропаганда во Македонија, при што тие се нарекувани бугарските фашисти. Тој предвидува дека која и да е партија да победи на изборите во април, курсот на Бугарија кон Македонија нема да се смени.
„Македонците не треба да се надеваат премногу дека по изборите Бојко Борисов или друг, кој и да победи, ќе заземе друга линија. Никој нема да заземе друга линија! Линијата на национално-историското достоинство никој нема да ја смени. Ова е политичко самоубиство и тоа треба да се знае во Скопје“, рече тој.