Македонија годинава со раст на БДП од само 1,8 отсто, најнизок во регионот, прогнозира Светска банка
Уште полошо, Македонија е единствената во регионот, која во однос на пролетниот извештај има негативна ревизија на прогнозата за раст на БДП од 0,7 проценти
Македонија годинава ќе забележи раст на домашниот бруто-производ од само 1,8 отсто, убедливо најнизок во споредсба со земјите од регионот, покажува најновиот полугодишен извештај на Светска банка за Западен Балкан. За споредба, според извештајот, Албанија годинава ќе има раст на БДП од 3,3 отсто, Босна и Херцеговина од 2,8 отсто, Косово од 3,8 отсто, Црна Гора од 3,4 отсто, и Србија од 3,8 отсто.
Уште полошо, Македонија е единствената земја во регионот, која во однос на пролетниот извештај, има негативна ревизија на прогнозата за раст на БДП, од 0,7 проценти, додека другте земји имаат позитивна корекција, или прогнозата останала иста.
„Реалниот раст остана ограничен во во услови на долготрајни инфлациски притисоци, слаба надворешна побарувачка и одложена изградба на автопати“, се вели во извештајот на Светска банка посветен на Македонија.
Притоа се додава дека целите за фискална консолидација веројатно ќе бидат пропуштени за 2024 година по изборните ветувања. Фискалниот дефицит и јавниот долг остануваат зголемени на среден рок со повисоки задолжителни трошења и зголемување на фискалните ризици поврзани со заостанатите долгови, пензиите и притисокот врз трошењето пред локалните избори.
„Изгледите за раст се позитивни, но преовладуваат негативните ризици“, се посочува во извештајот.
Во делот на клучните услови и предизвици за Северна Македонија се вели дека земјата се бори да се опорави по кризите.
Реалниот раст на БДП остана придушен во 2024 година, по 1 процент во 2023 година, како одраз на доцнењето на градежните работи на автопатот, послабата надворешна побарувачка и постојаните ценовни притисоци. Додека некои реформи се направени за да се зголемат домашните приходи, ефикасноста на трошењето останува бавна, а фискална дисциплина слаба, се нотира во извештајот.
Од Светска банка нагласуваат дека фискалниот дефицит остануваат околу 5 отсто постпандемиски, со што односот долг кон БДП се приближува до 62 отсто.
И фискалниот дефицит и јавниот долг останаа над воведените фискални правила, дополнително оптоварени од предизборните обврски поврзани со пензиите, јавниот сектор и платите.
„Монетарното затегнување помогна да се спречи порастот на цените, но постојаните инфлациски притисоци ризикуваат да го продолжат циклусот на затегнување и дополнително да ја намалат економската активност“, се вели во извештајот, при што се додава дека кризата значително го забави потенцијалниот раст и конвергенцијата на приходите со Европската унија (ЕУ).
Според Светска банка, од суштинско значење се обезбедувањето на одржливост, зголемена продуктивност и преземање на неопходни трудови и регулаторни структурни реформи.
Во однос на некои од економските показатели се вели дека растот на производството беше 1,8 отсто во 2024 година со силна домашна побарувачка, додека извозот и увозот се намалија. Имаше пораст кај услугите, додека земјоделството беше со негативен придонес. Во однос на крајот на 2023 година, показателите на пазарот на трудот во вториот квартал годинава се малку подобрени, со зголемувањето на стапката на вработеност до 45,6 отсто, додека стапката на учество остана речиси непроменета на 52,1 отсто.
Стапката на невработеност малку се намали на 12,5 отсто, а стапката на невработеност (15-24) остана на високо ниво од 26,9 отсто. Основната инфлација останува висока – над 5 проценти, водена од притисокот на платите и услугите. Истовремено, Централната банка го иницираше првото намалување на каматната стапка за 25 поени на 6,05 проценти во септември 2024 година. Фискалниот дефицит (со вклучени финансии на државните патишта) се проектира да достигне 5,1 отсто од БДП во 2024 година по јулската ревизија на буџетот, пензиите и трансферите. Јавниот долг се искачи до 61,5 отсто од БДП во вториот квартал 2024 година, најмногу на сметката на високото издавање на домашните хартии од вредност.
Стабилноста на банкарскиот сектор е задржана во согласност со зголемувањето на адекватноста на капиталот до 18,9 отсто во првиот квартал 2024 година, додека стапката на ликвидност (без државните хартии од вредност) е околу 20 отсто.
Во исто време, коефициентот на таканаречените лоши кредити (НПЛ) првпат од 2022 година е над 3 проценти, но само како резултат на методолошки промени.
Според Светска банка среднорочните изгледи остануваат позитивни. Растот се очекува да се засили среднорочно до просечно 2,7 проценти во текот на 2025-2026 година.
„Оваа проекција претпоставува враќање на јавните инвестиции и постепено закрепнување на потрошувачката и извозот. Инфлацијата се предвидува да остане над или приближно до 3 отсто во 2024-2025 година, но потоа да се успори до долгорочен просек од 2 отсто. Се предвидува дека стапките на сиромаштија ќе ја задржат патеката на бавно опаѓање, помогната од растот на реалните плати и вработеноста, паѓајќи за уште 1,2 процентни поени во текот на прогнозираниот период“, прогнозира Светска банка.
Како што се посочува, основното сценарио е изградено врз претпоставката дека фокусот за пристапување на ЕУ останува приоритет за новата Влада.
Економскиот раст во земјите од Западен Балкан се предвидува умерено да се забрза во текот на 2025 година, главно под влијание на зголемената потрошувачка и инвестициите, потпомогнати со зголемената куповна моќ, се вели во Редовниот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан.
Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2025 година ќе достигне 3,7%,што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањата дадени во пролетното издание на извештајот. Растот во 2024 година се очекува да достигне 3,3%, што претставува зголемување за 0,1 процентен поен од претходните проекции.
„Домашните фактори и понатаму го поддржуваат умереното забрзување на растот во Западен Балкан. Дополнително, на среден рок, постепеното закрепнување на економската активност во Европската Унија се очекува да игра огромна улога во поттикнувањето на извозот од регионот“, изјави Изолина Роси, економистка во Светска банка и главен автор на извештајот. „И покрај позитивните изгледи, регионот и понатаму е ранлив од повеќе ризици, вклучувајќи ги слабиот раст на светско ниво, враќањето на инфлацијата, политичката несигурност и екстремните временски појави“.
Со зајакнувањето на економскиот раст во Западен Балкан, животниот стандард и понатаму се приближува до стандардот во понапредните економии во Европската унија. Меѓутоа, задржувањето на моментот на раст и забрзувањето на темпото на приближување бараат структурни реформи, вклучувајќи ги и оние наведени во Планот за раст на Европската унија.
„Економската интеграција е клучен двигател на растот за малите економии како што се оние во Западен Балкан,“ изјави Шиаочин Ју, директорка за регионот при Светска банка. „За да го поттикнат овој раст, земјите треба да ја подобрат регионалната трговија и трговијата со Европската Унија, да го намалат времето на чекање на границите и да ги интегрираат платежните системи. Исто така, справувањето со демографските предизвици и со предизвиците на пазарот на труд бара силен фокус врз развојот на човечкиот капитал. Подобрување на образовните и здравствените системи е од суштинско значење, за напредок од земја со средни приходи во земја со високи приходи .“
Речиси еден од четири жители од Западен Балкан живее во странство, и затоа подоброто управување со глобалната работна сила во Западен Балкан би можело да биде клучен двигател на економскиот раст во регионот. Иако отселувањето може да доведе до други предизвици, како што е недостигот на работна сила, постојат и јасни можности за искористување на миграцијата за добивање на економски придобивки.
Според извештајот, со ефикасно управување, миграцијата може да помогне во ублажување на сиромаштијата, стимулирање на извозот и привлекување на инвестиции, што во крајна линија ќе доведе до отворање на работни места и пренос на знаења. На пример, дознаките може да ги подобрат финансиските ресурси на мигрантските домаќинства. Исто така, враќањето на обучените мигранти може да доведе до „прилив на мозоци“ во нивните домашни земји, додека привлечноста на повисоките плати во странство може да го мотивира образованието и подобрувањето на вештините кај оние што ќе останат.