Македонија гласа за петтиот шеф на државата

Кој ќе застане во редицата шефови на македонската држава во нејзината речиси тридецениска самостојност?

Точно 1.808.131 запишани избирачи имаат граѓанско право најпрвин в недела (21 април) во првиот круг од изборите, а потоа и на 5 мај, да го дадат својот глас за еден од тројцата кандидати: Блерим Река, зад кого застанаа Алијансата на Албанците и Беса, е под реден број 1 на гласачкото ливче, Гордана Силјановска-Давкова, која беше номинирана од ВМРО-ДПМНЕ, е со реден број 2, а кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, е позициониран како трет.

Кандидатите имаа 20 дена кампања, во која ги претставија своите програми пред гласачите и ја побараа нивната доверба. Гласањето в недела почнува во седум часот наутро и ќе трае до 19 часот, кога ќе се затвори гласањето на 3.480 избирачки места.

Денеска на 32 гласачки места во дипломатскo-конзуларните претставништва ќе гласаат граѓани од дијаспората, за што се пријавиле 1.782 гласачи. Паралелно ќе се одвива и гласањето на 3.539 болни и немоќни лица, 1.640 затвореници сместени во затвор или куќен притвор, 71 лице во старски домови и седум раселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање.

Гласањето за нов претседател на државата, практично, почна во средата со изјаснување на членовите и замениците членови на избирачките одбори кои на денот на изборите ќе бидат надвор од земјава, за да го спроведат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва.

Во текот и на овој изборен процес повторно се актуализираше темата околу тоа дали треба да се промени начинот на гласање во дијаспората или можеби да се укине, со оглед на малиот интерес и големите трошоци.  Државата ќе потроши речиси 500 илјади евра за да организира гласање во дијаспората, односно секој глас сега ќе ја чини околу 280 евра. Најмногу пријавени гласачи има во Венеција – 290 и во Љубљана – 215. Во далечната Канбера ќе гласаат само 51 лице, а во Абу Даби 10, што е минимум за организирање гласање, било да е во земјава или надвор од неа. Нема да се гласа во 15 града во светот, зашто имало помалку од 10 пријавени.

„Финансиските средства што ќе се потрошат за оваа намена се превисоки за да може да се оправда гласање на овој начин. Но еднаш им имаме дадено право на нашите сограѓани во дијаспората, чиј број од ден на ден станува сè поголем. За наредниот изборен циклус треба да направиме напори како држава да го измениме начинот на гласање комбинирајќи повеќе начини“, смета претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

ДИК на овие избори воведува нова постапка, покрај постојните предвидени во законот, која ќе придонесе за зголемена контрола и споредба на првичните неофицијални резултати кои Комисијата ги добива по електронски пат, а ги објавува сукцесивно. Благодарение на современите технологии, граѓаните ќе ги знаат првичните неофицијални резултати многу побргу во споредба со претходните изборни циклуси. По електронски пат, односно преку апликацијата „Вибер“, ДИК ќе добива директно резултати од избирачките места најпрвин од претседателите на избирачките одбори. Подоцна, исто така по електронски пат, ќе ги добие и првичните неофицијални резултати од страна на општинските изборни комисии откако ќе се пополнат записниците од избирачките места.

Генералниот впечаток на институциите и организациите што ги следат изборните процеси e дека, со ситни забелешки, се обезбедени услови за фер и демократско гласање, што е и еден од условите за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Според нив, кампањата беше коректна, администрацијата и медиумите не беа под притисок како порано.

Државната изборна комисија ја објави финалната листа на домашни и странски набљудувачи што на 21 април и 5 мај будно ќе ги следат гласањето и можностите за какви било изборни нерегуларности. Од нив 3.094 се домашни набљудувачи, а 708 странски (од кои 419 се набљудувачи, а 289 преведувачи).

Со најголем број домашни набљудувачи ќе биде застапена невладината „Мост“ со 1.940 набљудувачи. Интересно е што Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција „Мак-сонце“ ќе учествува со 583 набљудувачи. Ова здружение првпат се појавува за референдумот 2018 со 119 набљудувачи. Трето според број на набљудувачи е Здружението на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права „Аксиос“ со 329 набљудувачи, по што следува невладината „Цивил“ со 160 набљудувачи.

Интересна е листата и на меѓународни набљудувачи. ОБСЕ/ОДИХР ќе учествува со 195 набљудувачи и 187 преведувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ, пак, ќе има двајца свои набљудувачи. Овие избори ќе ги набљудува и Амбасадата на Руската Федерација со четири набљудувачи, како и унгарската младинска политичка организација „Фиделитас“ со шест набљудувачи. Инаку, оваа младинска организација е дел од најголемата конзервативна политичка партија во Унгарија, Фидес, на премиерот Виктор Орбан. Меѓу амбасадите според бројот на набљудувачи доминира Амбасадата на САД со 42 набљудувачи, по што следува амбасадата на Велика Британија со девет.

ДИК акредитираше и 13 странски новинари. (Н.К.)

 

Охрид, Ново Село и Дебар избираат нов градоначалник

 

Заедно со шестите претседателски избори, на 21 април ќе се одржат и предвремените локални избори за градоначалник на Охрид, Ново Село и Дебар. Вкупно девет кандидати ќе се борат за трите градоначалнички функции што останаа празни по прераната смрт на првите луѓе во Охрид и во Дебар (Јован Стојаноски и Ружди Љата), односно криминалниот бекграунд на довчерашниот општински татко на Ново Село, Боро Стојчев, кој беше осуден на затворска казна поради обид за шверц на цигари.

За локални избори не е предвиден цензус, победник во првиот круг ќе биде оној што ќе добие најмалку педесет отсто, плус еден глас од оние што излегле да гласаат, така што не би било изненадување уште в недела вечер да ги дознаеме имињата на новите градоначалници на трите општини. Во спротивно, ќе има и втор круг гласање на 5 мај.

Во трката за градоначалник на Охрид се: Нихаил Трендафилов-Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од движењето Беса.

За испразнетото градоначалничко место во Ново Село, кандидати се: Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Во трката за градоначалник на Дебар ќе учествуваат двајца кандидати. Тоа се познатите дебарски доктори, Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ и Арбен Аголи на Алијансата за Албанците, поддржан од Беса. На изборите со свои кандидати одлучија да не учествуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што потврдуваат дека сè уште немаат став кому од кандидатите ќе му дадат поддршка.