Македонецот Дарио Ивановски и Кенијката Ирене Џеруто најуспешни на Скопскиот маратон 2025

За најдобриот македонски атлетичар ова е втора победа на „Визер скопскиот маратон“, по успехот во 2021 година


Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски во машка и Кенијката Ирине Џеруто во женска конкуренција победија на годинашниот 21. „Визер скопски маратон“, кое оваа година бележи рекорден одѕив – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји низ светот.

Ивановски патеката долга 42 километри ја истрча за 2:14:50 часа, додека Џеруто истата траса ја помина за 2:38:31 часа.Ивановски до победата дојде во завршните два километри кога го остави зад себе Кениецот Џулиус Кипкоеч, кој долго време водеше во трката. За Ивановски ова е втора победа на „Визер скопскиот маратон“, по успехот во 2021 година.

„Македонци мои, оваа победа беше само за вас. Немам зборови со кои можам да ви го опишам чувството. Целиот мој живот сум се гледав себеси како победник на овој маратон. Секогаш најважно е од сè ми е достоинствено да ги бранам боите на нашата држава, на нашата прекрасна Македонија. Време беше да покажеме дека и од Македонија има таленти. Уживајте во денот“, порача најдобриот македонски маратонец.

Во машка конкуренција на второ место заврши Кениецот Џулиус Кипкоеч, а на третата позиција беше Давити Карашвили од Грузија, кој патеката ја помина за 2:19:59 часа.

Во женска конкуренција второто место ѝ припадна на Маринела Нинева од Бугарија која патеката ја истрча за 2:45:36 часа, а трета беше Ана Јусупова од Азербејџан со време 2:48:10 часа.

Во полумаратонската трка најбрзо време истрчаа Албион Имери во машка и Греса Бакрачи во женска конкуренција. Имери патеката ја истрча за 1:07:57 часа, а зад него беа македонските натпреварувачи Иван Пешовски на второто место со време од 1:11:30 часа и Александар Арсов на третата позиција кој истрача за 1:12:52 часа.

Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Греша Бакрачи од Косово. На втората и третата позиција се најдоа македонските натпреварувачки Теа Божиновска која беше втора со време од личен рекорд 1:21:10, а третата позиција ѝ припадна на Милјана Ристиќ-Стојчевска.

Во најмасовната трка на пет километри, на која на стартот се појавија околу 10 000 учесници, победија Григоријан Никовски и Ирма Хајдари.

Во штафетниот маратон – ЕУ за спорт, победата во машка конкуренција ја однесе екипата „Врањски маратонци“ со време со 2:26:34 часа.

Во рамките на ова издание се одржа и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ја зголеми важноста и престижот на настанот. Долж целата патека имаше 26 музички точки кои создадоа уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри беа поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите. Голема помош во организацијата на годинешниот маратон пружија и околу 500 пријавени волонтери, кои им поделија 25 тони вода и 2 тони овошје на учесниците.

„Ова е голем ден за македонската атлетика. Победата на Дарио Ивановски е резултат на неговата посветеност и дисциплина, но и инспирација за младите тркачи кои сонуваат еден ден да стојат на подиумот на Скопскиот маратон. Благодарност до волонтерите, кои со својот труд придонесоа годинашниот Виз Ер Скопски маратон да биде одлично организиран и да помине во најдобар можен ред“,  изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Скопскиот маратон.

Главен покровител на годинашното издание е Министерството за спорт на Република Македонија, а покровител е Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.