Македонец ќе вози со велосипед 2.500 км околу екс-Ју републиките


Велосипедската трка ВЕРА ТУР 2022 ја организира Александар Стојков, успешен регионален деловен човек со потекло од Македонија, во чест на неговата почината мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од ова зло (пандемијата Ковид-19) што нè снајде во последните две години, во чест на сите што не се со нас, но и во знак на почит на сите блиски околу нас, на сите родители, деца, семејства, колеги, пријатели.

Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие шест држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија.

Во текот на турата  ќе се оддаде почит со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, ќе биде посетено местото на кое загина Претседателот Борис Трајковски со екипажот, како и новозавршената Македонска црква во Загреб, а воедно ќе бидат посетени и сите природни убавини на шесте држави по должина на рутата.

Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе на 21 март годинава и ќе се вози низ пет поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 5 април.

Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да не делат и да не спречат да се почитуваме.

Пораките преку кои сето тоа ќе се реализира, се дека треба малку да се подзамислиме, да забавиме во ова брзо и динамично време, да се посветиме на тие околу нас, да се посветиме на здрав живот, на спорт, на толеранција, да ги почитуваме различностите како дополнителна вредност што не прави побогати, а не истата да не дели. Да покажеме дека за се треба да се има добра идеја, организација, посветеност, упорност и тим, затоа што сам никој не може. Да покажеме дека добрата мисла и енергија, може да го сплотат и да го зближат и она што навидум е неспоиво.