Македонците се подготвуваат да патуваат, кога ќе биде можно?


Фото: Б. Грданоски

 

Слободанка Јовановска

Македонците  се подготвуваат да патуваат. Колку и да изгледа тоа нереално во моментов, очекувањата се дека во текот на мај или почетокот на јуни ќе почнат да се отвораат границите во светот. Сепак тоа нема да биде воопшто лесно, а најверојатно и нема да биде ни толку бргу. Светската здравствена организација неделава порача дека глобалната вонредна состојба треба да продолжи, иако притисокот за враќање на животот на нормала станува огромен во сите земји што над еден месец се затворија во своите граници. Притоа, најголеми шампиони во правењето планови на оваа тема се Британците, иако се на пат да станат светски рекордери по бројот на заразените и мртвите. Сепак, и таму оценуваат дека имањето пасош во моментов е беспотребно и дека британскиот сега има ист третман како авганистанскиот.

„Визер“ ги потпали очекувањата

Фактичката состојба пак кај нас е ваква: Владата најави дека ќе почне со постепено намалување на мерките по 1 мај ако бројот на заразените и натаму опаѓа, но ги предупреди граѓаните да не резервираат авионски карти бидејќи сѐ уште не се планира да се отворат аеродромите. „Визер“ сепак почна со продажба на картите и практично нема дестинација, вклучувајќи го и најзагрозеното Милано, за каде што не се продаваат авиобилети онлајн – од 17 мај па натаму. Реално, од сите тие дестинации ретко во кои земји може да влезат наши граѓани, а да дојдат нивни од таму нема шанси, така што плановите се темелат на идни очекувања.

Уште повеќе, во Македонија сѐ уште важи уредбата според која секој што ќе излезе од земјата треба да потпише изјава дека нема да се врати наредните три месеци, а кога ќе се врати може да го чека сѐ уште задолжителен карантин. Карантинот е главната „туристичка понуда“ во многу земји во моментов, ако не се смени нешто наредните месеци. Главен прозорец за Македонците сега е Бугарија, бидејќи таа е единствената земја која дозволува транзит на наши државјани за некоја друга дестинација, во ситуацијата кога од аеродромот во Софија оперираат неколку компании на неколку летови, меѓу кои Лондон, Барселона, Мадрид и Лисабон. Знаејќи, пак, колку Македонци патуваат со бугарски пасоши, тоа значи дека во дел од европските земји, вклучувајќи ја и Грција (со задолжителен 14-дневен карантин) можат да влезат преку Софија – како бугарски државјани. Па така, со ЕУ пасош може да се влезе освен во Грција, и во Франција, во Шпанија и во Италија, но прашање е кој воопшто сака да патува во земјите кои, всушност, се најпогодени од епидемијата.

За македонски граѓани Грција дозволува сепак само транзит на тие кои се враќаат дома, и тоа  со асистенција на МНР, а истото важи и за Словенија. Унгарија, Србија, Косово и Албанија целосно се затворија за сите други националности освен за своите, а целосно кон светот се затвори и Црна Гора, каде од 4 мај ќе почне втората фаза од ублажувањето на мерките, но таа предвидува само отворање на фризерници, козметички салони, фитнес центри, книжарници и стоматолошки ординации. Очекувањата во оваа земја се дека дури од јули ќе стартува туристичката сезона. Хрватска преговара со ЕУ за можно отворање за сезоната, додека Австрија почна да се отвора за ЕУ државјани, но за влез е потребен тест за корона вирус на меѓународен јазик и стар само четири дена.

Ќе важи ли „корона пасошот“ и за Македонците или само за ЕУ?

Зрак на надеж беше состанокот на министрите за туризам на ЕУ кои, по барање на девет земји (Италија, Грција, Шпанија, Португалија, Малта, Франција, Кипар, Бугарија и Романија) расправаа како да се спаси летната сезона во земјите членки кои живеат од посета на туристи. Од таа средба произлезе идејата за отворање туристички коридори (слични такви во моментов има за снабдување) и за хармонизирани мерки за заштита на туристите (од оддалечување на лежалките, дезинфицирање на авионите, па до специјални платформи на вода на кои би одмарале оддалечени едни од други цели семејства). На тој состанок произлезе и најавата за т.н. „корона пасоши“ како решение, и да има туристи и да не се шири епидемијата, така што сите што ќе тргнат на летување претходно во сопствената земја мора да направат тест дека прележале Ковид-19. Деновиве СЗО таквата идеја ја отфрли во целост, бидејќи никој не може да тврди дека тие што прележале Ковид 19 имаат некаков имунитет и дека нема да се заразат уште еднаш, уште повеќе што така ќе ги мотивираат младите што се очајни за летување да се заразат намерно, за да добијат таква потврда.

Како и да е, Австрија и Чешка (за бизнис посети до три дена од ЕУ државјани) почнаа во практика да ја спроведуваат оваа мерка, но дури и да биде прифатена од ЕУ, таа содржи неколку сопки. Најпрво, не е јасно дали ваквиот „корона пасош“ ќе важи само за туристите од ЕУ или и за граѓани на трети земји, како Македонија. Нејасно е исто така дали ќе може да се оди на море надвор од „туристичките коридори“ и како ќе изгледаат тие во реалноста. Според навестувањата досега, таков коридор би бил воспоставен за туристите од Чешка, Германија и Австрија до Хрватска или меѓу Австрија и Германија.

Со оглед на тоа дека тестовите ќе се прават дома, пред тргнување, тоа ќе отвори можност за корупција и многу злоупотреби, а прашање е и каква ќе биде нивната цена тогаш. Уште повеќе, вака замислено испаѓа дека само 1.300 македонски граѓани ќе можат да одат на летување во земји од Унијата (ако влеземе на тој список или коридор), а бидејќи тоа треба да важи и за европските државјани, тогаш нема да помогнат многу ни бугарските и други пасоши. Најавите од ЕУ се дека се подготвуваат мерките и дека до крајот на мај ќе се излезе со решение. Ако не се успее во тоа, земјите што живеат од туризам најавуваат дека билатерално ќе се договараат и ќе се отворат за туристи, при што оптимистичките најави од Грција се дека таму ќе може да се оди дури од јули.

Полесно на летување на Малдиви отколку во Грција

Она што е куриозитет е дека, под услов да најдат начин како да отидат, македонските граѓани можат да летуваат на Малдиви и на Самоа во моментов. Овие земји не ги затворија своите граници, а единствен услов е да се има тест за здравствената состојба. Можно е влегувањето и во Филипини, Танзанија и во Замбија, но тоа оди во пакет со задолжителен карантин од 14 дена, и тоа не на државен туку на свој трошок. Отворени за нас се и Иран (со тест за корона на аеродром), Мексико (но на хотелите не им е дозволено да примаат гости), Ирска (со 14 дена карантин), Камбоџа (со тест за корона вирус) и Етиопија (со 14 дена карантин). Македонците, ако најдат како, исто така можат да влезат во САД, кои воведоа рестрикции за повеќето ЕУ земји членкви и за Обединетото кралство, но не и за Македонија и за Бугарија, поради малиот број  заразени од корона вирусот.

Од европските земји границите за нас не ги затвори Велика Британија, па таму може да се стигне со авиолинија од Софија. Холандија, исто така, дозволува влез на граѓани од ЕУ со задолжителна здравствена изјава, но не е можен влез со македонски пасош, а истото важи и за Шведска во која „има живот“, бидејќи нема строги мерки, но и за таму треба европско државјанство. Во Германија, пак, секакво влегување на други државјани, дури и од ЕУ, е невозможно до 15 мај, а очекувањата се дека тој рок ќе биде продолжен. Германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас не ја исклучи можноста границите да се отворат пред летото, но нагласи дека тоа нема да биде вообичаено туристичко патување како досега, туку со многу рестрикции.

Во Франција вонредната состојба е продолжена до 24 јули, но во земјата и досега беше можен влез со ЕУ пасош. Во Грција сите меѓународни летови се откажани до 15 мај, освен до Белгија, а сите што ќе влезат мора да поминат корона тест. Во моментов во оваа земја се размислува да се примаат само туристи со тест дека прележале корона вирус и тоа некаде од јули па натаму. Одењето во Турција за Македонците во скоро време по сѐ изгледа е невозможна мисија, бидејќи Анкара ги откажа сите меѓународни летови и не дозволува влез за наши граѓани. Практично, најголем дел од земјите во Европа од 1 до 15 мај треба да ги преиспитаат мерките, но тоа не мора да значи дека ќе има олеснување.

Шпанија од идната недела ги олеснува мерките на островите

Шпанија е  една од земјите која исто така притиска за отворање на туристичката сезона, иако тешко се справува со епидемијата и речиси нема некој познат за нас, а де не се заразил со корона вирусот. Премиерот Педро Санчез објави дека шпанските острови ќе бидат првите каде што ќе почне олеснувањето на мерките, и тоа од 4 мај. Во другиот дел од земјата тоа ќе се случува подоцна, но шпанската влада на 28 април објави план за „транзиција кон нормалност“ во четири фази, од кои секоја ќе трае две недели. Италијанските острови Сардинија и Сицилија, исто така брзаат со подготовки, со оглед на тоа дека тие не беа во жариштето на епидемијата и имаа малку заразени. Според најавите, од туристите таму ќе се бара тестирање на корона вирус старо една недела, а на пристигнување на островите исто така ќе им се мери температурата, при што се очекува сезоната да почне веќе од јуни. И други региони, не толку погодени од епидемијата планираат слични мерки, со најава дека ако ЕУ не пресече бргу, ќе носат туристи врз основа на билатерални договори, пред сѐ со соседните земји, како Австрија, Швајцарија и Германија. Такви преговори веќе и почнале.

Од сите овие информации произлегува дека патувањата, туристички или не, во најголем број случаи ќе бидат условени со корона тест, со варијации – дали си имал или немаш во моментот. Можно е да се бараат и специјални здравствени осигурувања, за да се знае на чиј товар ќе биде евентуалното лечење, а ќе има и специјални процедури за тие што ќе се открие дека се заразени додека престојуваат во друга земја. Она што е извесно е дека до 15 мај шенген зоната ќе остане затворена за нас од Македонија, бидејќи до тогаш важи одлуката на Европската комисија, а каков ќе биде режимот потоа тешко е да се каже, бидејќи има различни најави од секоја земја. Ако може да му се верува на Емануел Макрон, границите на ЕУ нема да се отворат за влез на граѓани од трети земји до септември. Урсула фон дер Лајен, претседателката на ЕК, веќе ги предупреди Европејците да почекаат со плановите за летување, бидејќи никој не може да даде веродостојна прогноза за јули и август. „Визер“ го вкалкулира и тој ризик, па најавува стопроцентно враќање на парите за откажани летови или 120 отсто од вредноста претворена во ваучер за идно патување.

Линк за мерките против корона вирусот во сите земји во светот

https://www.iatatravelcentre.com/international-travel-document-news/1580226297.htm