Мајката на Ивана била сведок на семејното насилство: „Велеше, ќе се среди“


Мајката на починатата Ивана Јовановска, Љубица Стојаноска, денеска, пред Основниот кривичен суд Скопје, изјави дека ќерка ѝ со години живеела во страв од сопругот Стојанче Јовановски, со видливи модринки, под постојана контрола и со постојана мисла дека ќе ѝ биде одземена ќерката.

Сведочејќи хронолошки за нивната врска, таа рече дека Ивана и обвинетиот на почетокот живееле под кирија, дека кратко се познавале пред бракот и дека ќерка ѝ на почетокот гледала позитивно на сопругот. Според сведочењето, подоцна забележувала модринки на рацете и нозете, како и модро око, но Ивана не сакала да признае дека е тепана и ја уверувала со зборовите „ќе биде, мамо, во ред“.

Мајката опиша и настан од 2021 година, кога, како што рече, по полноќ добила повик да дојде во станот на ќерка ѝ. Кога пристигнала, ја затекнала Ивана вознемирена, со Катја во прегратка, а обвинетиот бил нервозен и, според нејзиниот исказ, ја удирал пред детето по што интервенирала полицијата. Во тие моменти, рече сведокот, Ивана била исплашена и повторувала: „сѐ нека земе, и стан и сѐ, само ќерката нека ми ја остави“.

– Малата Катја имаше две години, ова беше на 15-16 август кога ми се јави зетот во еден часот по полноќ, извинете на изразот, тој рече „тетка Љубица, дојди да си ја земеш ќерка ти Ивана курва“. За десет минути пеш стасав до нивниот стан. Беше топло време, Стојанче беше многу нервозен, шеташе. Ова беше во 2021 година, рече мајката на Ивана пред судот.

Опишувајќи што затекнала кога пристигнала во станот, таа наведе дека ќерка ѝ била видно вознемирана и ја гушкала ќерката, а обвинетиот бил агресивен. Според нејзиното сведочење, физичкото насилство продолжило и додека се чекала полицијата.

– Ивана беше вознемирана и ја гушкаше Катја и седеше во дневната соба, а тој беше многу лут и нервозен, шеташе и овој збор што ми го кажа мислам дека не можам да го преболам, првпат во живот го кажав пред обвинителката, не можам да го кажам на јавноста. Беше толку револтиран и ми кажа дека „Ивана барала поголем за да ја задоволи, а јас досега, рече, никаде и никогаш не сум го ставил во друга жена“. Кога дојде полиција, го извадија надвор за да разговараат, еден од нив беше со нас во собата, Ивана беше многу исплашена бидејќи јас додека бев таму, пред да дојде полицијата, тој тргна да ја удри, односно ја удри, но јас застанав меѓу нив и му реков да ми каже што е работата, рече мајката на Ивана.

Во однос на сопственоста на недвижниот имот и финансиската независност, сведокот појасни дека ќерка ѝ живеела во константен страв да не ѝ биде одземено детето. Иако станот првично бил на име на Ивана, подоцна сопственоста била поделена со сопругот.

– Секогаш се плашеше да не ѝ ја земе Катја бидејќи таа работеше во приватни фирми, а благодарение на мене, јас Стојанче го вработив во Пожарната, рачунав дека живее со моето дете и сакав да помогнам да има стабилна работа. Она секогаш и беше на прво место Катја, што она беше на почетокот кога земаа стан б3еше на нејзино име, она го плаќаше редовно кредитот, после некое време по негово барање беше напишано пола-пола на документот за сопственост. И до последниот момент Ивана ги плаќаше сметките, односно кредитот, телефоните… рече мајката на Ивана.

Според нејзиниот исказ, стравот на Ивана продолжил и во наредните години, а таа, кога доаѓала кај родителите, постојано се јавувала по телефон и објаснувала каде се наоѓа. Мајката рече дека од шестгодишната Катја дознавала оти нејзината мајка се бранела „да чучне доле со скрстени раце“, додека таткото ја „шутира и удира“, а детето ги повторувало и навредливите зборови што, според сведочењето, ги слушало дома.

Мајката на Ивана пред Судот кажа и дека непосредно пред Нова година, кога ѝ однела храна и други работи на ќерка ѝ пред зградата, Ивана, видно вознемирена, ја молела веднаш да си замине, плашејќи се дека обвинетиот ќе дојде и ќе ѝ направи нешто.

– Сега пред Нова Година, јас направив за мојата внука благи работи и салата што ја сака ќерка ми, некои работи што ѝ останаа во станот, зедов такси и им однесов до пред нивната зграда. Дојдов пред зграда, ќерка ми ме чекаше, таксистот ми помогна да ги изнесеме работите, ќерка ми се тресеше и викаше „мамо бегај, ќе дојде сега Стојанче и мамо те молам бегај да не ти направи нешто“, набрзина ѝ дадов и тргнав накај автобуска и слушнав глас од Стојанче, едно хистерично викање, мислам дека тогаш доколку останев, може требаше да останам, насочено кон мене, исплашена бев заради моето дете да не му направи нешто. После Ивана ми кажа дека тие работи што ги направив, благи работи и салата ги фрлил во контејне, рече мајката на сега починатата Ивана.

Таа раскажа и за настан од август годинава, кога Ивана ја снемало од дома. За случајот добила повик од мајката на Мартин Саздов, мажот кој бил со нив во автомобилот дента кога се случи трагедијата во Тафталиџе, која рекла дека Ивана исчезнала откако Стојанче ја нападнал.

Пријавила во полиција, а откако по извесно време и јавиле од полициската станица во Карпош дека исконтактирале со Ивана дека таа е во станицата. Кога отишла видела дека ќерка и има модринки на рацете и модар врат бидејќи Стојанче се обидел да ја дави.

Полицијата направила записник кој Ивана требало да ја потпише следниот ден. Но, не отишла.