Мајката и таткото на судијата Ристов тврдат дека парите ги потпикувале во ѕидот секогаш кога ќе се присобереле
Во Кривичниот суд на денешното судење на апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочеше неговата мајка Донка Ристова. Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати. Првиот пат не било најдено ништо, но вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари сокриени во ѕидот во куќата.
Таа тврди дека парите биле нејзини и дека ги чувала за црни денови.
„Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, туку од 1975 година. Што ќе ми останеше некоја паричка, ќе отворев една плочка, како прозорче, и во фолија си ги ставав паричките, колку ќе имав толку“, сведочеше Ристова.
Според нејзиното сведочење, во скриеното место имало вкупно 350.000 евра. Од нив, 250.000 евра биле во апоени од 50 евра, додека останатите 100.000 евра биле во апоени од 500 и 100 евра.
Таа пред судот кажа дека парите биле заштеда на неа и нејзиниот сопруг и дека никој друг не знаел за нив.
„Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот“, рече Ристова.
Таа објасни дека парите ги заработувала од продажба на земјоделски производи, наведувајќи дека семејството се занимавало со производство и продажба на бостан, дињи, пиперки, ореви и кајсии. По продажбата, како што кажа, купувала девизи и ги чувала во скриените места во куќата.
„Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго“, рече таа.
Таткото на судијата пак, не верува дека на ќесичките во кои биле најдени парите, немало отпечатоци од прсти од него и од неговата сопруга. „Нема шанса“, одговори Здравко Ристов, татко на судијата Ѓоко Ристов, откако обвинителката го соочи со резултатите од вештачењето, според кои на пронајдените пари не биле утврдени биолошки траги ниту од него ниту од неговата сопруга.
„Сум се мачел 89 години со овие десет прсти. На кого да ги пријавам тие пари?“, рече Ристов, објаснувајќи дека не им верува на банките и затоа дел од заштедата ја чувале дома.
Тој потврди дека во куќата биле извршени два претреса, првиот на 29 декември 2025 година, а вториот на 18 јануари 2026 година. Според неговото сведочење, при првиот претрес бил присутен и неговиот син Ѓоко, кој им помагал на лицата што го вршеле претресот.
„Ѓоко беше со нив, помагаше, го подместуваше фрижидерот, сè“, рече таткото.
Ристов тврдеше дека неговите деца не знаеле за скриените пари и дека уште при нивното пронаоѓање им кажал на истражителите дека заштедата му припаѓа нему и на сопругата.
„Кога ги најдоа парите, ме прашаа чии се. Јас им одговорив дека се лично наши, на сопругата и мои“, сведочеше тој.
Објаснувајќи како ја создавале заштедата, рече дека заработените пари ги менувал во менувачници, вклучително и во банкноти од 500 евра. Според него, за дел од замените не добивал документи.
Случајот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.