МАИ ги додели наградите меѓу два саема на книгата, автор на годината – Оливера Ќорвезироска


Оливера Ќорвезироска ја доби наградата „Автор на годината“ на Македонската асоцијација на издавачите (МАИ), која попладнево ги соопшти добитниците на наградите за периодот меѓу два саема на книгата.

Ќорвезироска за романот „Три Марии“, издание на „Арс ламина“, ги доби сите три награди за проза во земјата за 2025 година: Рациновото признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“, а само во една година романот има три изданија и се преведува на руски, француски и на англиски јазик.

Според жирито, во состав Кристина Н. Николовска, универзитетска професорка, Александра Јуруковска, книжевна критичарка, и Лазе Трипков, графички дизајнер и универзитетски професор, Ќорвезироска ги исполнила критериумите за наградата – популарност и влијателност на авторот во културно-општествената средина и неговиот придонес во афирмација на книжевноста во и надвор од државата; број на странски преводи на дело/дела од авторот во периодот меѓу двата саема и успесите од продажбата, односно број на продадени примероци.

– Барем награди имав доволно оваа година. Многу е убаво да се добиваат награди, но мора сите од фелата да размислиме дали ќе дозволиме и понатаму само наградите да бидат некој културен арбитер што прават нашите книги да бидат видливи. Наградите се прекрасни, но сметам дека мора да најдеме форми во кои видливоста на нашите книги ќе може да ја сподвижиме и на друг начин, а не само да чекаме кога ќе добиеме награди. Да добиваме награди, но да се трудиме да бидеме видливи и на други начини – рече наградената Ќорвезироска на објавувањето на наградите на МАИ во рамките на 38. Саем на книгата. 

МАИ додели награди во повеќе категории. Во категоријата „Најдобра едиција“ наградени се: едицијата „Современа теорија“ на издавачката куќа „Илика“; едицијата „Големи зборови за мали уши“ на „Арс ламина“ и едицијата „Дамар“ на издавачот „Антолог“.

Признанија за најдобар дизајн на корица добија книгите: „Крокодил“ од Фјодор М. Достоевски, дизајнирана од Душан Дракалски („Гаврош“); „Сатурнин“, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“) и „Бели ноќи“ од Фјодор М. Достоевски, дизајнирана од Љупка Стојкова („Три“).

За најдобро ликовно-графички уредено издание се наградени: списанието „Тригер“, бр. 1; ликовно-графичко уредување на Ема Велковска и Марија Смилевска („Култура бета“); графичкиот роман „Тивка војна“ од Методија Стојановски („Чудна шума“) и „Кула крај море“ од Влада Урошевиќ; ликовно-графичко уредување на Марко Трпески („Антолог“).

Признанија за најдобра книга за деца од МАИ добија: „Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски („Гаврош“); „Девојчето со форичката“ од Ева Камчевска, со илустрации на Наташа Андонова („Светулка“) и „Сам во рој“ од Иван Дричко (Сашо Кокаланов), („Арс ламина“).

Наградени за најкреативно издание се: „(С)обувки“ од Оливера Ќорвезироска (идеја) и Наталија Лукомска (илустрации) („Арс ламина“); списанието „Тригер“, бр. 1 („Култура бета“) и „Годините“ од Ани Ерно („Илика“).

На десеттото доделување на наградите на МАИ, во рамките на Саемот на книгата, признанија за поттикнување општествена одговорност добија: сликовницата „Големиот сон“ од Денис Јанкуловски-Космонаутко („Прозарт медиа“); читачките клубови „Чудна шума“ и „Мама (ми) чита“ и уредувачките работилници на издавачката куќа „Илика“.

Специјално признание за промотор на читачката култура од Македонската асоцијација на издавачите доби Здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“.