Мадуро ја запеа „Замисли“ на Џон Ленон: „Каква прекрасна песна. Да живее мирот“ (видео)


Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, се обрати на митинг во Каракас во саботата, во услови на зголемени тензии со САД. Вашингтон распореди поморски сили во Карибите во близина на брегот на Венецуела, што предизвика загриженост во Каракас за можноста од воен конфликт.

Во својот говор, Мадуро повика на смиреност и рече дека бара мир. За да ја нагласи таа порака, тој почна да ја пее „Замисли“ („Imagine“), една од најпознатите песни на Џон Ленон. „Една од нашите цели е мирот. Мораме да направиме сè за мир, како што велеше Џон Ленон, нели?“, ѝрече Мадуро на толпата.

Потоа се сврте кон својот министер за комуникации и разузнавање, Алфред Назарет, и праша: „Како оди таа песна на Џон Ленон?“ Додека музиката почна да свири, Мадуро пееше заедно со толпата, мавтајќи со рацете.

„Каква прекрасна песна. Млади луѓе, погледнете го текстот. Тоа е инспирација за сите генерации. Тоа е химна за сите времиња што Ленон ја остави како подарок за човештвото. Да живее вечната меморија на овој голем поет и музичар. Да живее мирот“, истакна тој.

„Imagine“ е песна од Џон Ленон објавена во 1971 година на албумот со исто име. Се смета за негова најпозната соло композиција и еден вид химна за мир бидејќи замислува свет без граници, војни и поделби. Создадена е во соработка со Јоко Оно, чии идеи силно влијаеле врз текстот, а денес е една од највлијателните и најизведуваните песни во историјата на популарната музика.

Во последните месеци, САД распоредија носач на авиони и неколку воени бродови во Карибите како дел од тековните операции против, како што тврдат, бродови за шверц на дрога кои се обидуваат да стигнат до американските брегови.

Како одговор на зголемувањето на бројот на војници од САД, Венецуела прогласи највисоко ниво на тревога и нареди целосна мобилизација. Трамп истакна дека неговата цел е да се соочи со нарко-картелите што работат во Венецуела, но Мадуро инсистира дека тоа е само изговор и дека вистинската цел на Вашингтон е да го собори.

Трамп, кој го обвинува Мадуро дека им дозволува на криминалци и ментално болни да влезат во САД, не ја исклучи можноста за воена акција. На прашањето дали деновите на власт на Мадуро се избројани, тој одговори: „Мислам дека се избројани“.

„Граѓани на САД, слушајте ме. Војна на Карибите? Војна во Јужна Америка? Не. Бесконечна војна? Не. Мир? Да. Мир за Америка? Да“, рече Мадуро во својот говор.

Тој, исто така, ги критикуваше поморските вежби во кои учествуваат американските сили и карипската нација Тринидад и Тобаго. Тој се пожали дека вежбите претставуваат закана за регионалната стабилност.