М-НАВ „лета“ по свои правила: Земаат илјадници евра, а не доаѓаат на работа

Вработени во М-НАВ земаат плата, а не доаѓаат редовно на работа, велат извори од државното АД кое дава услуги во воздухопловна навигација. Појавата не е нова, а во Компанијата се говори дека има различни забошотувачи, па дури и такви кои во М-НАВ се појавуваат само за да земат боледување.

„Независен весник“ побара официјално појаснување за наводите кои до нас стигнаа од неколку страни. И по неколку дена, не добивме официјален одговор од М-НАВ. Портпаролката не се јавуваше ниту на мобилен, но само кога ја баравме од бројот од кој во повеќе наврати сме ја барале претходно. Кога ја побаравме од, за неа непознат број, се јави и, објаснувајќи дека е на боледување, рече дека ќе ни одговори. Следниот ден ни прати СМС-порака дека информациите на доставените прашања се шпекулации. Ниту директорот Николче Тасески, кому и во вибер-порака му ги доставивме прашањата, не одговори ништо.

Во М-НАВ, државна компанија која исплатува плати што се далеку над македонскиот просек, се вработени и лица познати на јавноста од други сфери, најчесто политички. Токму тие, велат нашите извори, најчесто си дозволуваат да отсуствуваат од работа.

„Има читач на картички со кои секој вработен треба да се регистрира кога влегува и излегува од работа. Но има вработени кои или на други им ги даваат картичките да ги провлекуваат место нив или, кога ќе заврши месецот, тој што им е надреден раководител, ги внесува неговите работни часови рачно во софтверот за евиденција и фабрикува дека бил на работа“, ни објаснува искусен работник од М-НАВ.

Стара е практиката на недоаѓање на работа на „заштитени“ вработени. Уште во 2010 контролорка на летање ја немаше видено на работа ни тогашниот, а ни претходниот директор, зашто откако ја примиле по Рамковен си седела дома. За разлика од сега, тогаш директорите во изјава ни кажаа дека такво лице не познаваат, иако го има на списокот на вработени.

И Државниот завод за ревизија забележал проблем со евидентирањето на вработените.

„Во М-НАВ не е донесена процедура за регулирање на начинот и постапката за пресметка и исплата на плати. Инсталиран е систем за електронско евидентирање на работното време во сите објекти на друштвото, меѓутоа истиот несоодветно се користи при пресметка и исплата на платите на вработените“, констатирал ревизорот за 2012 година и заклучил дека ваквата пракса има за резултат зголемен ризик од неточна пресметка и исплата на плата и надоместоци од плата. И во 2014 ревизорот повторно утврдил: „Податоците содржани во документот за следење на редовноста на вработените, вклучувајќи ги и прегледите од електронската евиденција како и внатрешната комуникација упатуваат на констатацијата дека постојат недоследности во делот на евидентирањето на присутноста на вработените која евиденција претставува основ за пресметка и исплата на платите“.

Ваквата состојба ни сега не е многу е променета, велат нашите извори, укажувајќи дека и Трудова инспекција имала интервенција за натфрлен број на работни часови и дека италијанска компанија имала понуда до М-НАВ да инсталира современ софтвер за евиденција на работни часови.

„Институционална немоќ, линија на помал отпор, интерес, сè ова може да се крие зад ваквата состојба“, велат синдикалци од М-НАВ.

А јавно се лицитира со звучни и познати имиња кои имаат решенија за работа со висока плата од М-НАВ, но ја имаат комоцијата што ја немаат другите државни службеници – да не мораат редовно и навремено да се појавуваат на работа. Дел од нив, во телефонски разговор демантираа. Едниот ни рече дека изминативе месеци завршил работа што претходно со години никој не ја работел, а е безбедносно важна. Другиот тврди дека досега немал ниту биро ни компјутер за да може да работи а третиот се чувствува недоволно искористен. (Н.В.)