„М.Г. Фешн“ стана еден од најголемите акционери во „Македонијатурист“, поседува 7,69 отсто од капиталот


Друштвото за трговија, производство и услуги „М.Г. Фешн“ ДОО Увоз-извоз од Скопјестана еден од најголемите акционери во хотелската компанија „Македонијатурист“, со 7,69 проценти од вкупниот акционерски капитал на компанијата, објави порталот Фактор, врз основа на податоци од Централниот депозитар за хартии од вредност.

Оваа компанија досега не беше акционер на хотелско угостителската компанија „Македонијатурист“. Минатата недела на Македонската берза имаше девет блок трансакции со акциите на „Македонијатурист“ кои достигнаа цена од 9.500 денари за акција, или вкупно над 5 милиони евра.

„МГ Фешн“ е основана во 2004-тата година во Скопје, како дел од групацијата Fashion group.
Основачите се експерти во своите области кои долги години претходно работат заедно на бројни успешни проекти. 

„МГ Фешн“ е дел од групација од компании кои години наназад работат во различни бизнис сектори, секоја исклучително успешна во својот домен. Присутна е и во делот на недвижностите, со фокус на проектирање и изградба на комерцијални, резиденцијални и деловни простори. Со искуството од повеќе од 10 години во оваа дејност, портфолиото на компанијата постојано се збогатува со импозантни проекти и многу задоволни клиенти.

„Долгогодишниот успех на компанијата се должи и на тимот професионалци кои години наназад со своето искуство и посветеност успешно одговараат на секој проект, а дел од нив се со компанијата од самите почетоци. Токму нивната мотивација и подготвеност да одговорат на секој предизвик, ни донесе многу задоволни клиенти кои со задоволство се враќаат кај нас.
Токму успешниот тим, особено внимание посветува и на создавање на енергетско ефикасни објекти со особена грижа за околината, нешто кон што се стремиме целосно да се насочиме во следните години“, се вели на веб страницата на компанијата.

Покрај „М.Г. Фешн“, други позначајни акционери на „Македонијатурист“ остануваат да бидат Доне Таневски, со пакетот од 23,4 отсто, потоа Сава пензиски фонд има 8,8 проценти, Симеон Павлов поседува 8,19 проценти, а компанијата „Изостоне“ располага со 6,62 проценти од капиталот, додека и самата „Македонијатурист“ поседува 10 отсто сопствени акции, пишува Фактор.

 

.