Лукровски ќе гради нови паркинзи и катни гаражи во Карпош


 

Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, Сотир Лукровски, вечерва на митингот во општината вети дека Карпош ќе стане уредена и зелена општина, со нови паркинзи, катни гаражи, реновирани паркови и спортски зони, како и дека ќе се решаваат проблемите со дивата урбанизација, а и ќе се реновираат градинките и училиштата.

„Вечерва не ви се обраќам како политичар  туку како човек. Како татко, сопруг, пријател, кој исто како сите вие, го живее секојдневието на Карпош. И тогаш си велам доста е. Ваквиот Карпош не е нашиот Карпош. Карпош заслужува повеќе. Заслужува ред, чистина, зеленило, безбедност и гордост“, рече Лукровски во обраќањето митингот во општина Карпош.

„Ќе ставиме крај на дивата урбанизација. Доста е со мафијашки зделки и бетонски пустини. Јас нема да бидам ничиј партнер во инвестициите. Ќе формираме јавно претпријатие ‘Карпош план’, со кое ќе воведеме ред во урбанизмот и  ќе ги решиме илјадниците легализации,  транспарентно и чесно, заедно со вас сите, граѓаните“, изјави Лукровски.