Лукашенко нагло положи заклетва, опозицијата повика на нови протести


„Јас не можам, јас немам право да ги напуштам Белорусите“, рече Александар Лукашенко за време на заклетвата (Фото: БелТА)

Без најава, без свеченост, Лукашенко положи заклатва за нов шести мандат. Германија и Литавнија потегот го оценија како фарса

 

МИНСК – Игнорирајќи ги повиците за ставање крај на неговата 26-годишна власт, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, положи заклетва за шести мандат во средата по изборите, за кои опозицијата и некои странски влади велат дека се наместени.

Церемонијата вообичаено ќе беше објавувана како голема државна пригода, но наместо тоа се одржа без најава по тврдењето на Лукашенко за убедлива победа на изборите на 9 август.

Опозицијата, која организира шест недели масовни протести со барање за негова оставка, ја осуди инаугурацијата како нелегитимна и повика на повеќе демонстрации во среда навечер.

Соединетите Држави и Европската унија подготвуваат санкции против официјални лица вклучени во изборите и последователната акција од страна на безбедносните сили.

Официјалната новинска агенција Белта соопшти дека Лукашенко ја ставил десната рака на копија од уставот и се заколнал на службата на церемонијата на која присуствувале неколку стотици луѓе.

66-годишниот водач рече дека на земјата ѝ требаат безбедност и консензус „на работ на глобалната криза“, очигледна референца за пандемијата Ковид-19.

„Јас не можам, јас немам право да ги напуштам Белорусите“, рече тој

Демонстрантите со црвено-бели знамиња на опозицијата почнаа да се собираат во мали групи во главниот град, вклучително и пред најмалку три универзитети, покажаа снимките на локалните медиуми. На социјалните мрежи кружеа повици за масовни протести за вечерта.

Некои извикуваа „Саша, излези, ќе ти честитаме!“, осврнувајќи се на деминутивната форма на првото име на Лукашенко.

Гласините го зафатија Минск дека 66-годишниот водач, на власт од 1994 година, се подготвува за предвремена церемонија на инаугурацијата, кога рано во средата автомобилска колона помина низ центарот на главниот град.

Опозициски политичар, Павел Латушко, рече дека заклетвата е како тајна „средба на крадци“.

„Каде се радосните граѓани? Каде е дипломатскиот кор?“, објави тој на социјалните мрежи. „Очигледно е дека Александар Лукашенко е исклучиво претседател на ОМОН (полиција за немири) и неколку лажни службеници“. Латушко повика на „непрекинато дејствување на граѓанска непослушност“.

Германија повтори дека не го признава Лукашенко за претседател и повика да се договорат санкциите на ЕУ што е можно побрзо.

Литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичиус на Твитер изјави: „Каква фарса. Заборавете на изборите… Неговата нелегитимност е факт со сите последици што ги носи ова“.

Лукашенко, давајќи заклетва за нов петгодишен мандат, вети дека „верно ќе му служи на народот на Република Белорусија, ќе ги почитува и штити правата и слободите на граѓанинот“ и ќе го брани уставот.

Тој досега ги издржа протестите со поддршка од неговиот сојузник, претседателот на Русија Владимир Путин. И покрај нејзиното население од само 9,5 милиони, Белорусија е важна за Русија како тампон-држава против НАТО и канал за руски извоз на нафта и гас.

На средбата минатата недела, Путин му одобри на Лукашенко заем од 1,5 милијарди долари, а двете земји одржуваат вежби за одбрана „Словенско братство“ во Белорусија. Како дел од тие вежби, руските падобранци се спуштија со падобрани во Белорусија во средата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека заклетвата е „апсолутно суверена одлука на белоруското раководство“. На прашањето дали е поканет Путин, тој рече дека изгледа како да не било предвидено присуство на странски лидери.

Обединетите нации минатата недела се согласија да го засилат мониторингот на пријавените кршења на човековите права во Белорусија. Истражителот за човекови права Анаис Марин рече дека повеќе од 10.000 луѓе биле „насилно уапсени“ по изборите, со повеќе од 500 пријави за тортура и илјадници „дивјачки претепани“.

Белоруските власти соопштија дека полицијата е хумана и професионална. (Ројтерс)