Луѓето не сакаат да летаат: Ковид-19 ги разбуди ноќните кушет возови


Лидер во враќањето на кушет возовите е австриската државна железничка компанија, која ги поврзува со ноќни возови Берлин, Минхен и Диселдорф со Австрија, Швајцарија и Италија

 

Стравот од корона вирусот и свеста за зголеменото ниво на јаглеродот доведе до ревитализирање на ноќните возови со кушет и спални кабини меѓу многу градови во Европа. Романтиката, авантурата и спокојот се врати во патувањето

 

Со целото нивно ветување за романтика и авантура, се чинеше дека возовите со кушет вагони во Европа дојдоа до крајот на пругата.

Поради тоа што беше неверојатно скапа за одржување и поради префрлањето на патниците кон нискобуџетните авиокомпании, германскиот железнички оператор „Дојче бан“ одлучи да ја прекине услугата што го поврзува Париз со Берлин пред шест години, а беа запрени и дестинациите низ целиот континент, вклучувајќи ја и речиси целата француска мрежа.

Но, додека Европа продолжува да се справува со пандемијата на корона вирусот, постојат привремени знаци за нова зора за кушетите и двокреветните кабини, бидејќи загриженоста на владите и патниците за влијанието врз животната средина од летовите на кратки релации се надополнува со желбата да се избегнат големите сали за заминување на аеродромите и безбедносните редици.

Во последните неколку недели се појавија голем број најави и инаугуративни патувања. Минатиот четврток шведската влада соопшти дека ќе обезбеди средства за две нови дестинации за поврзување на градовите Стокхолм и Малме со Хамбург и Брисел.

Неколку дена порано, францускиот министер за транспорт, Жан-Батист Џебари, рече дека ќе воскресне ноќна услуга помеѓу Париз и Ница по ветувањето на Денот на Бастилја на Емануел Макрон за обнова на ноќните возови во државата.

Лидер на патот е австрискиот оператор Österreichische Bundesbahnen (ОББ), кој купи 42 вагони за спиење од „Дојче бан“ во 2016 година. Тој обнови половина од ноќните рути што ги поврзуваат Хамбург, Берлин, Минхен и Дизелдорф со Австрија, Швајцарија и Италија.

И покрај неодамнешниот пораст на бројот на коронавирусни инфекции во Белгија, зголемување за 71 отсто за една недела, услугата Брисел-Виена, која се отвори во февруари, понудувајќи патувања во еден правец од само 29,90 евра, ќе биде обновена во септември.

Патничка во кушет кабина во француски воз во 1957 година, кога таквите патувања беа знак на гламур (Фото: Гети)

Заедно со акцијата на владите, постојат докази за обновен ентузијазам кај јавноста, бидејќи луѓето подлабоко размислуваат за тоа како да патуваат среде пандемијата со Ковид-19.

Нов летен ноќен воз што ги поврзува пет земји-членки на ЕУ – Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија и Хрватска – само што започна да сообраќа со тргнување од Прага на 30 јуни, кога нивото на побарувачката годишноодморците кон морето го подигна на секојдневна услуга.

Шведската железничка компанија „Сналтогет“ соопшти во јуни дека планира да го удвои бројот на ноќни возови на својата дестинација Стокхолм-Малме-Копенхаген-Хамбург-Берлин. Новиот експресен ноќ алпски воз, кој започна да вози меѓу Силт во северна Германија и Салцбург во Австрија, исто така, требаше да трае само два месеци, но ќе трае до ноември заради побарувачката.

„Она што ми го кажаа луѓето што ја користат мојата страница се две работи во ист здив: ним им е смачено од аеродромското искуство и сакаат да го скратат отпечатокот на јаглеродот“, рече Марк Смит, кој ја води наградуваната веб страница Man in Seat 61 railway која нуди информации за паневропски услуги. „Секако, на краток рок, јас ги слушам луѓето како коментираат дека не сакаат да летаат заради пандемијата. Мислам дека прашањето на климатските промени ќе бидат поголемo на долг рок, затоа што се надевам дека оваа пандемија ќе заврши во одреден момент“, вели тој.

Закрепнувањето на ноќниот воз можеби нема да биде лесна работа, но економијата на ноќните услуги останува тешка.

Нормалниот брз воз може да смести 70 лица во вагон и да минува повеќе патувања на ден, нудејќи голем број постојки. Кушетот може да има 20 до 30 кревети во вагон, но поголемиот дел од неговите патници ќе патуваат од почеток до крај. Овие возови се користат само за едно патување во текот на 24 часа.

Новите услуги што ги водат приватни компании честопати се само за летните месеци, додека државните оператори земаат огромна владина помош со цел повторно да ги воспостават ноќните дестинации.

Како резултат на тоа, некои од најромантичните патувања со ноќни воз кои сè уште траеа кога се појави пандемијата, може да останат прекинати, вклучувајќи го ноќниот воз „Тело“ од Париз до Венеција и „Тренхотел Луситанија“, меѓу Лисабон и Мадрид.

Карима Дели, француски европратеник, која е претседателка на транспортниот комитет на Европскиот парламент, го поздрави олабавувањето на владите за оваа намена. „Повторното започнување со ноќни возови е неопходност и еколошко решение за планетата“, рече таа.

Но, Александар Гом, од групата за кампања „Назад на шините“ во Белгија, рече дека треба да се направи поширок преглед на трошоците за да не се дозволи приватните оператори да ја искористат ситуацијата, да се подигнат стандардите и да се искористи новиот менталитет. (Гардијан)